Талибанците тврдат дека нивното владеење со Авганистан нема рок на траење

од Nikola Popovski
317 прегледи

Талибанците во вторникот, на втората годишнина од преземањето на власта во Авганистан, соопштија дека нивното владеење нема временско ограничување, бидејќи тоа произлегува од легитимитетот на исламскиот закон и не се соочува со значителна закана, рече нивниот главен портпарол Забихула Муџахид во интервју за АП.

Муџахид одби да одговори на прашањето за ограничувањата за девојчињата и жените, велејќи дека нема ништо ново да каже по ова прашање.

Забраната на девојчињата да одат на училиште по шесто одделение беше првата забрана на Талибанците, која подоцна прерасна во бран ограничувања што сега им забрануваат пристап на авганистанските девојчиња и жени до повеќето работни места и поголемиот дел од јавниот живот.

Муџахид тврди дека актуелната влада се однесува одговорно и дека Авганистанците копнеат за консензус и единство.

„Нема потреба никој да протестира“, рекол тој.

Милиони Авганистанци во криза

Во изјавата во вторникот, талибанците наведоа голем број на она што тие го гледаат како успеси, вклучително и чувството на лична безбедност и националната гордост. Не се споменуваат десетици илјади Авганистанци кои избегаа од земјата откако Талибанците ја презедоа власта поради растечката сиромаштија откако меѓународната помош беше запрена, наведува АП.

Хуманитарните агенции, групите за човекови права и ОН објавија изјави оваа недела во кои го осудуваат владеењето на Талибанците и предупредуваат на хуманитарна криза што го погодува населението во Авганистан.

Бројот на луѓе на кои им е потребна помош е зголемен за околу пет милиони. Беше речено и дека 15 милиони луѓе годинава ќе се соочат со „кризно“ ниво на несигурност за храна, додека 2,8 милиони се во категоријата „вонредни ситуации“.

Слични содржини