Талибанското движење објави пропагандно видео на кое се гледа специјална единица на ова движење Бадри 313.
Таа учествуваше во бројни офанзиви за време на изминатата војна меѓу авганистанската војска и талибанското движење.
Видеа и фотографии од специјалната единица се појавија како дел од програмата на Авганистанската национална телевизија, која сега е под контрола на талибанското движење.
Според извештаите на медиумите, Талибанците испратиле порака на овој начин дека ова движење има значително подобро опремени и обучени војници отколку во минатото.
„Војниците се прикажани во униформи, чизми и панцири слични на оние што ги носеа специјалните сили ширум светот. Наместо калашников, Бадри 313 носат пушки М4 од американско производство, кои поседуваат напредни нишани и опрема за ноќно гледање. Бадри 313 е веројатно единица во која се сместени најдобро обучените борци на талибанското движење“, објавија медиумите.
Сепак, експертите посочуваат дека оваа единица не може да се спореди со специјалните сили на западните земји, туку дека тие се секако поефикасни од другите талибански војници, како и авганистанската армија, која ја покажа својата слабост во изминатата војна.
Талибанската специјална единица Бадри 313 е именувана по познатата битка на Бедр каде пророкот Мухамед собрал војска од 313 мажи и поразил армија политеисти.
Иако сеуште не е познато колку војници има оваа специјална единица, се претпоставува дека брои до неколку илјади луѓе.
„Се уште не е познато колку опрема им стои на располагање, но видовме дека за време на последната офанзива, специјалните единици одиграа клучна улога во освојувањето на големите градови во Авганистан“, велат експертите.