Талибанците во неделата вечерта влегоа во претседателската палата во Кабул, каде што се очекува мирно предавање на власта, пренесе Ал Џезира.
Талибанските војници го држат седиштето на Авганистан под опсада од неделата наутро, ветувајќи дека нема да го нападнат бидејќи се во тек разговори за мирно предавање.
Групата соопшти дека им наложила на своите борци да се воздржат од насилство и да понудат безбеден премин за секој што сака да го напушти Кабул.
„До крајот на процесот на транзиција, одговорноста за безбедноста на Кабул е на [авганистанската влада]“, напиша портпаролот на Талибанците на Твитер.
Талибанците потоа објавија дека ќе влезат во главниот град Кабул само за да спречат грабежи.
Авганистанската влада, исто така, објави дека преговорите се во тек, за да се избегне крвопролевање во Кабул.
Талибанците започнаа офанзива во мај, кога американскиот претседател Џо Бајден го потврди заминувањето на последните странски сили од земјата, 20 години по интервенцијата во која беше соборена талибанската влада, бидејќи одби да го предаде Осама бин Ладен, водачот на мрежата на Ал Каеда.