Тања Фајон: Нов нон-пејпер ќе го забрза претпристапниот процес на ЕУ за земјите од Западен Балкан

од Илинка Илиоска
82 прегледи

Словенија и Германија подготвија нон-пејпер кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји, изјави министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, во интервју за агенцијата МИНА. Оваа иницијатива, според неа, е насочена кон забрзување на целиот процес на проширување на ЕУ и елиминирање на можноста за прекумерни блокади на билатерални основи кои би го одолговлекле пристапувањето на земјите-кандидати.

„Тоа е иницијатива за забрзување на целиот процес на проширување, односно на претпристапниот процес, за да немаме премногу можности да ставиме вето и да блокираме соседите поради билатерални прашања и да ја искористиме можноста за гласање со квалификувано мнозинство (QMV) неколку пати во текот на процесот“, рече Фајон.

Според неа, Словенија и Германија работат за да создадат ефикасен механизам кој ќе го одржи овој процес без пречки и ќе го поддржи напредокот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

На прашањето за коментарот за нон-пејперот на Хрватска испратен до Црна Гора, Фајон рече дека искуството на Словенија покажува дека билатералните прашања секогаш треба да се решаваат во добрососедски дух.

„Билетералните прашања секогаш треба да бидат решени пред влезот во ЕУ. Не сакам да зборувам за конкретни случаи, но мислам дека сите земји треба да имаат толку добри односи што ќе можат да ги затворат овие прашања на пријателски начин и да се фокусираат на нивниот евроатлантски пат“, изјави Фајон.

Таа исто така додаде дека Словенија и Хрватска имале слични предизвици кога станува збор за билатерални прашања и дека овој процес треба да биде пример за останатите земји во регионот.

„Хрватска беше последната земја што влезе во ЕУ, а сега треба да биде искрен партнер на сите земји од Западен Балкан“, рече Фајон, додавајќи дека колку побрзо една земја ги исполни потребните услови, толку побрзо ќе влезе во ЕУ.

Фајон истакна дека реформите што треба да се спроведат во земјите-кандидати се индивидуални за секоја држава и дека самото отворање и затворање на преговорите со ЕУ не е толку техничко, туку повеќе политички процес.

„Моето мислење е индивидуално за секоја земја. Самите реформи и дека самото отворање и затворање на преговорите не е толку техничко, туку повеќе е политички процес“, рече Фајон.

Таа исто така укажа на важноста на добра комуникација и координација меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ за да се забрза процесот на проширување и да се избегнат пречки кои може да го одолговлекуваат.

Слични содржини