Извештајот за смртта на 14-месечното девојче е испратен до клиниките, се чека како ќе постапат. На потег е и Лекарката комора. Откако од „Козле“ отфрлија вина, министерот Таравари потврди дека таму порано имало респоратор, но, бил однесен на друга клиника.
„Не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав комисија која даде детален извештај што се случило и сега тој е испратен до клиниките и чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Понатаму ние може да постапиме врз директорите, меѓутоа не и врз вработените. Треба да инсистира министерството и министерот за да директорите преземаат одредени мерки за тие доктори што направиле некаков вид на превид“, рече Таравари.
Прашан дали можеби ќе ги разреши директорите ако не преземат одредени мерки, Таравари одговори дека неговите очекувања се оти раководните лица на клиниките ќе направат сѐ што треба.
Здравствените установи имаат рок до утре да понесат приговори за пропустите кои ги утврди стручната комисија за смртта на 14 месечното бебе.
Од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ негираат вина, додека пак од Детската клиника рекоа дека ќе ги почекаат заклучоците од Лекарската комора, потоа ќе постапуваат. Според извештајот – лекарите на Детската клиника направиле превид кога го пратиле детето на домашно лекување. Во Козле, пак, не била направена соодветна проценка за здравствената состојба и не било навреме поставено на респираторна машина. 14 месечното бебе почина од опструктивна бронхопневмонија на 5-ти октомври на Детската клиника, од Клиниката во Козле било транспортирано во многу тешка здравствена состојба.