За 30 гласа не поминавме во прв круг. Не можеме да откриеме каде е ујдурмата, но дефинитивно има многу неважечки листови.Дефинитивно некој ги заокружувал гласачките ливчиња. Не знам како успеаја, но се надевам дека ќе ги победиме уште повеќе во вториот круг. Имаме доста факти и аргументи кои ќе ги објавиме по изборите, за злоупотреби, за тепање, вели кандидатот за градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари во интервју за Сител .
-Јас не гледам никакво мрдање од институциите за сето тоа да се спречи во вториот круг. Ќе ги згазиме во вториот круг, па ако треба ќе одиме и на трет, на четврт круг. Полициската станица во Гостивар е претворена во втор штаб на ДУИ. Сите факти и аргументи ќе ги објавиме по 31 октомври, бидејќи ако ги објавиме претходно граѓаните ќе се згрозат. Овие снимки се испратени и до претседателот на државата, до министерот за внатрешни работи. Очекував барем од претседателот на државата да каже барем пола збор, вели Таравари.