Вршителот на должност претседател на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, очекува да се раздвижи, како што вели, борбата против корупцијата на високо ниво кај власта со најавената помош од Соединетите Американски Држави.
Информацијата за пристигнувањето во Скопје на тимот на САД за санкции, за да се поведе истрага на корумпираните политичари, според Таравари, е дочекана со голема надеж од сите граѓани на земјава.
„Ова е задача на самата држава, меѓутоа сите закони што ги носиме стојат на хартија, практично не се спроведуваат. Се надевам дека оваа американска екипа ќе ги катализира процесите на антикорупација и функционирање на правна држава. Она што го слушам директно од американската амбасадорка, не е оваа акција само за сегашните функционери туку и за поранешните, така мислам дека треба да се делува и да се преземат конкретни чекори. Американска екипа сигурно нема да биде дел од егзекуцијата но ќе катализира. Катализаторите секогаш помагаат во реакциите, меѓутоа самите не влегуваат. Има повеќе процеси за кои сите ние знаеме но не говориме, се надевам дека тие ќе излезат на површина и македонското судство ќе земе одредени чекори да се ефектуираат одредени предмети“, рече Таравари.
Тој смета дека тоа е повеќе од потребна промена на парадигмата, која се чека долги години.