Таравари: Модриците кај тримесечното бебе се поради невнимание од медицинските сестри, доенчето било немирно

од Nikola Popovski
378 прегледи

„Случајот со модриците кај тримесечното бебе е поради невнимание од медицинските сестри. Бебето било немирно, но не сакам дефинитивно да кажам бидејќи писмено немам добиено. Преземени се одредени дисциплински мерки“. Ова го изјави министерот Арбен Таравари за причините со повредите кај доенчето, по разговорот со директорот на Клиниката за педијатрија.

Министерот побара медицинскиот кадар да биде внимателен со сите пациенти, а особено со децата.

Таравари се надева дека мерките од Комисијата и директорот ќе се ефектуираат, а доколку се повтори вакво нешто, треба веднаш да се исклучи медицинскиот кадар.

Министерот за здравство е дециден дека нема докази дека намерно е повредено тримесечното бебе.

-Не верувам дека постои здравствен работник кој би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимателни. Дисциплинската постапка најверојатно се води за една медицинска сестра и за еден болничар, но не сум сигурен. Очекувам писмено да ми бидат испратени, кажа Таравари пред медиумите.

Медицински персонал од Детска клиника одбивал да биде дел од Комисијата којашто треба да утврди како настанале модринките на тримесечното бебе, кое имало и наод на тромбоцитопенија, состојба на намалени тромбоцити поради кои се појавуваат модринки.

Семејството обвини медицинска сестра дека намерно го повредила детето, по што министерот Таравари најави комплетно расчистување на настанот. Унијата на медицински сестри побара што поскоро да расчисти случајот и со име и преземи да бидат прозвани сите што погрешиле за да не се фрла дамка врз сите сестри.

Министерот во петокот го посети семејството, откако се пожалија дека бебето на Клиниката не било третирано како што треба.

Слични содржини