Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, попладнево реагираше во пост на „Фејбук“ на веста дека судот во Тетово одлучил печатите од партијата да ги добил Зијадин Села.
„Велат дека денеска добиле печати од Алијансата за да ги дадат на ДУИ… и да е вистина ќе се жалиме ама и да ги добијат со заробениот систем што го имаат во рака, имам прашање … што е со народот?! Без вера, со ниеден суд не можете да го освоите народот. Промената започна и нема печат што ја спречува,“ вели Таравари во објавата на „Фејсбук“.
Претходно беше објавена информацијата дека Судот во Тетово донел одлука печатите од Алијанса за Албанците да ги добие крилото на Зијадин Села, од каде што ја потврдија оваа информација.
„Судот одлучи дека нашето барање за регистрација на Зијадин Села за претседател на Алијанса за Албанците е прифатено. За оваа одлука се известени сите странки и сега официјално претседател на АА е Зијадин Села,“ изјавиле од крилото на Села за МИА.
Алијанса за Албанците се подели на две крила откако Таравари го повика членството да ги поддржи во одлуката да настапат заедно со албанската опозиција.
Села и Таравари најавија дека ќе водат правна битка за печатите на партијата. Крилото на Таравари одлучи на претстојните избори да оди со албанската опозиција, а Села со ДУИ.