Таравари: Не е забрането да се користи Македонија, иако Преспанскиот договор е затворена работа

од Nikola Popovski
620 прегледи

Сега веќе поранешниот лидер на Алијанса за Албанците и актуелен член на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари синоќа во дебатна емисија порача дека доколку во случај уставните измени не се донесат во период од 6 месеци, ќе размислат за своето учество во Владата. Колку за потсетување, коалицијата од албанскиот блок веќе е во активни разговори со раководството на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на стабилно владеачко и парламентарно мнозинство.

-Ни требаа 10 години ВМРО и ДУИ, без услови, без ништо, да се изгубат 10 години за да станат дел од НАТО. ВЛЕН е гаранција во Владата дека под секој услов ќе инсистира преговорите со Европската унија да почнат што поскоро и да се направат уставните измени. Тоа е услов, кажа Таравари во емисијата „Клик плус“.

Според него, досега со ВМРО-ДПМНЕ не е разговарано за поделба на ресори и кадровски решенија и ги отфрли како шпекулации информациите во медиумите дека барале одредени министерства.

За Таравари, Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија е затворена работа, исто како и Охридскиот рамковен и Преспанскиот договор. Сепак, се согласува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека треба да го почекаат месец јуни и да видат како ќе се реализираат уставните измени, со оглед дека тогаш во Бугарија се оддржуваат парламентарни избори, па се очекува формирање на нова влада.

Според Таравари, не во 2030, туку во 2028 година Македонија има реална шанса да влезе во ЕУ.

Градоначалникот на Гостивар се осврна и употребата на името Македонија.

-Не е забрането кога зборуваме јавно… Често велам Македонија, ниту „Република“ ниту „Северна“. Мислам дека г-ѓа Давкова се уште е во еуфорија на изборите. Мислам дека тоа не го направи свесно. Тоа го направи подекларативно за да покаже дека има некаква доследност со изборната кампања, кажа Таравари за инаугурацијата во Собранието и читањето на заклетвата.

Слични содржини