Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари потврди дека партиите од албанската опозиција му предложиле тој да биде нивен кандидат за претседател на претстојните избори, но истакна дека тој не е заинтересиран.
„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран“, рекол Таравари.
Претходно, лидерот на Беса, Билал Касами, во интервју за националната косовска телевизија „РТК“ изјавил дека на завчерашната средба во Приштина со косовскиот премиер Курти, се разговарало Таравари да биде претседателски кандидат на албанската опозиција во Македонија.
„Да, разговарано е Таравари да биде кандидат за претседател и тој се смета за соодветен кандидат да биде кандидат Албанец на овие избори“, изјавил Касами.
„Сите лидери ја посочија идејата за претседател Албанец, фигура која треба да биде личност со интелектуален кредибилитет и која ќе го обедини албанскиот фактор во РСМ и достоинствено ќе ги претставува сите граѓани на нашата земја“, велат од Европскиот сојуз на промени за средбата со Курти во Приштина.
И додека очите на политичката јавност се вперени кон нивната коалиција со Таравари, министерот за здравство и член на АА, Фатмир Меџити вели, неговата партија никогаш не ги криела средбите со други политички субјекти.