Таравари: Потребна е почеста консултација меѓу владините партнери – направени се огромни работи

од Nikola Popovski
86 прегледи

Членот на ВЛЕН и министер за здравство, Арбен Таравари тврди дека односите меѓу владините партнери се коректни и дека оваа Влада ќе продолжи да функционира. Сепак, смета дека е потребна почеста консултација и синхронизација меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.

Изјавата која тој ја даде од Њујорк, САД, каде што учествува на 79. Генералното собрание на ОН, се однесува на последната изјава на пратеникот Халил Снопче, кој рече дека „Вреди“ ќе излезе од владината коалиција ако се изгласа законот за бранители. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, на ова прокоментира: „Нека му е со среќа“.

Не можат, посочи Таравари, да се остварат сите предизборни ветувања само за 100 дена. Има постојани дефокусирања од она што е испорачувано во овие 100 дена посебно во албанскиот блок. Според него, направени се огромни работи.

Според Таравари, реакцијата на Снопче во врска со законот за бранители била како што треба, но се надева дека владиното мнозинство ќе има координација за надминување на овој, како што рече, ситен проблем, за кој прстот го впери во СДСМ и ДУИ оценувајќи дека се координирани „да подметнуваат искри во владејачката коалиција“.

Предлог-законот за бранителите е со единствена цел, да се допрецизира веќе утврденото право и да се предвидат одредби кои ќе значат правичен надоместок на жртвите и за настанатите последици, вели пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска. Смета дека предлог-законот не е провокација, ниту обид за дестабилизација на земјата. Петровска од спикерот Африм Гаши побара да го примени Деловникот и да ја закаже Комисијата за труд и социјала. Според Петровска, собирањето потписи од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е чекор назад и обид да се избегне одговорност.

Законот за бранители, не знам кога ќе дојде на дневен ред во Собранието, но кога ќе дојде, ќе ја има нашата поддршка, вели премиерот Христијан Мицкоски.

„Јас на заканите не одговарам баш така како што некој може да очекува“, нагласува тој, кој отсечно со „нека му е со среќа“ одговара и на коментарот на Снопче кој изјави дека коалицијата ќе ја напушти Владата ако биде изгласан Законот за бранители.

Законот за бранители е заглавен во собраниската Комисија за труд и социјала, бидејќи претседателката на комисијата Илире Даути не го става на дневен ред и не свикува седница. Вели дека за законот нема да се дискутира ако со него не бидат опфатени и борците на ОНА.

Слични содржини