Таравари со предлог: Онлајн настава или зимски распуст од два месеци, администрацијата да работи по шест часа без пауза

од Nikola Popovski
235 прегледи

Учебната година оваа зима да продолжи онлајн или учениците да имаат зимски распуст од два месеци поради енергетската криза, вака гласи предлогот на градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари после денешната седница на Советот за развој на Полошкиот Плански Регион. Деветте општини од овој регион официјално поднесоа вакво барање до Министерството за образование и Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

-Идејата е со оглед на тоа што сметките за енергија годинава се три до четири пати повисоки од лани, месеците кога е најстудено, јануари и декември, годишниот распуст да трае два месеци или да се разгледа опцијата за дигитални алатки, со цел да заштедиме енергија. Или распустот да биде во јануари-февруари или декември – јануари, а учебната година да продолжи до 30 јуни и да почне на 15 август, рече Таравари.

Градоначалникот на Гостивар предлага и во текот на зимскиот период работното време на администрацијата да се намали на шест часа без пауза.

-За училиштата веќе дадовме упатство дека спортските сали не работат во текот на зимата. Наставата по физичко теоретски треба да се одржува во училници, во ходниците да нема греење, само во училниците и побаравме од директорите да штедат струја колку што можат, истакнал Таравари.

Слични содржини