Таравари за случајот со Пајазити: Немам информации за што се работи, но треба да одговара секој кој не постапувал како треба

од Илинка Илиоска
30 прегледи

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека нема информации во однос на случајот со судијата Пајазит Пајазити по бегството на Блерим Рамадани од домашен притвор, но оти секој кој што не постапувал како што треба, треба да сноси одговорност.

-Јас немам точни информации за што се работи. Меѓутоа не само за конкретното име, туку за секого кој што не постапувал како што треба, треба да има одговорност. За конкретниот случај немам точна информација кога ќе имам ќе имаме и став како коалиција Влен, рече Таравари на новинарско прашање дали Вреди ќе се придружи на барањето на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ кој веќе два дена бара одговорност за судијата Пајазити за одлуката за куќен притвор за Рамадани.

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара судијата во Основниот кривичен суд во Скопје Пајазити, да биде разрешен веднаш, посочувајќи го при тоа дека тој е експонент на СДС и ДУИ во судството кој го руши системот од внатре.

-Пајазити не ги задоволува етичките и законски основи да остане да биде судија. Тој наместо затворски притвор, му додели куќен притвор на Блерим Рамадани, и со тоа му отвори пат да избега. Пајазити знаел дека Рамадани согласно неговото минато и искуство може да се впушти во бегство, но и покрај тоа свесно го ставил во куќен притвор. Очигледна е намерата на Пајазити да му даде можност на Блерим Рамадани да избега. Пајазити мора да одговора, а за почеток тој треба да биде разрешен од судската функција, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската СДСМ пак посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ со денови се обидува да ја пренасочи одговорноста за избеганиот Рамадани кон судството, без ништо да каже за одговорноста на МВР и Тошковски кои, велат, биле задолжени да го обезбедат во куќен притвор. За Пајазити, пак, наведуваат дека тој е избран за судија токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на 02.01.2013 година.

-ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата Министер за внатрешни работи затоа што одговорноста за бегството е негова. Во најкус бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок без да биде соодветено обезбеден. Повеќе од јасно е дека МВР игра клучна улога во неговото ноншалантно бегство и тоа многу брзо ќе се дознае, бараат од СДСМ.

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен во јули на граничниот премин Јажинца. Налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, со одлука на судијата Пајазит Пајазити мерката „притвор“ на Рамадани му беше преиначена во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

На 9 август Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани, со тоа што му беше наложено да остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Судскиот совет минатата недела на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на бегството на Рамадани, од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка

Слични содржини