Транспарентноста е најголемиот противник на корупцијата, ако се е транспарентно, тогаш многу помалку ќе може да се злоупотреби она што е дадено за раководење, рече претседателката на Транспаренси интернешнал – Македонија, Слаѓана Тасева во презентирањето на проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам“ изработен од ТИМ и Државната комисија за спречување на корупција.
Според неа, треба да се почне од објавувањето на основните документи од страна на институциите, со цел уште поголема транспарентност.
„Многу од подзаконските акти се недостапни јавно, дури и основните документи не се јавни. Функционалните анализи не се објавени од страна на институциите, па од тука прашањето дали од тука треба да почнеме. Министерството за информатичко општество и администрација ни е индиректен партнер, се што сработивме споделуваме со нив, се тоа може да се гледа како заеднички проект, убаво е што може и постои соработка“, рече Тасева.
Амбасадорот од Холандија во земјава, Дирк Јан Коп рече дека Државната комисија за спречување на корупција успешно почнала со работа, како и дека има одлични рецензии за превенција на корупцијата.
„Вистинската транспарентност ја намалува корупцијата, истовремено ја враќа и довербата кај граѓаните“, потенцираше Јан Коп.
Софка Пејовска-Дојчиновска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата рече дека со нивното отварање на повеќе случаи помагаат во намалувањето на корупцијата.
На новинарско прашање колку случаи на непотизам се пријавени до ДКСК во делот на здравството, таа рече дека не е сигурна колкав број има во моментот, но дека ќе постапуваат по сите пријави.
Анализата на ТИМ и ДКСК утврдила 46 точки на ранливост за кои се дале препораки како може да се надминат. Анализата, како што потенцираат ќе биде дополнета и прецизирана, по што ќе се знае дали институциите постапиле по препораките.
Како точки на ранливост меѓу другото се нотирани привремените вработувања, неефикасноста, неефективноста и нетранспарентноста на функционалната анализа, како и неусогласеност во Законот за административни службеници и Законот за вработување во јавниот сектор околу одлуката за отфрлање на пријавата на кандидатот како неуредна.
А.Т.
Фото: Борче Поповски