Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против 34-годишен гостиварец и неговиот 64-годишен татко, кои се товарат за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Грубото насилство го извршиле на 01.10.2021 година, кога телесно повредиле едно лице и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Оштетениот, на критичниот ден, пристигнал со автомобил пред сопствената куќа и сакал да се паркира, но паркинг местото било зафатено. Тој започнал да свири за да се тргне паркираното возило, но во тој момент излегол првиот обвинет и започнал вербална расправија на висок тон. Веднаш потоа обвинетиот физички го нападнал оштетениот, удирајќи го во пределот на главата и лицето.
Пристигнал и вториот обвинет и го фатил оштетениот за двете раце, по што првиот обвинет продолжил да го удира.
Оштетениот се здобил со телесни повреди – нагмечување на главата и на левата рака, како и крвни подливи на лицето.