Британските медиуми ја пренесоа веста за смртта на Марк Еванс, отуѓениот татко на една од најуспешните и најбогатите пејачки на денешницата, популарната Адел.
Имено, Марк почина по битка со ракот, а имаше 57 години, пренесува „The Sun“.
Адел и Марк не зборувале со години, а извор близок до семејството за весникот изјавил дека неговата смрт многу ги вознемирила, но дека односот со неговата ќерка останал лош до самиот крај, и покрај напорите да се поправи.
Марк ја напуштил Адел кога таа беше тригодишно дете, а приказната за нивната врска првпат се најде во центарот на вниманието во 2011 година кога тој во едно интервју изјави дека неговата ќерка се бори да најде љубов поради емоционалните проблеми што и ги предизвикал откако ги оставил неа и нејзината мајка Пени.
Пред две години, тој повторно ги наполни насловите во медиумите кога беше објавено дека заработува само 50 до 100 фунти дневно како доставувач и живее во скромна куќа во Јужен Велс, додека неговата ќерка заработува милиони.
Тој бил близок со Адел кога таа била девојче, па таа го поминувала училишниот одмор со неговото семејство, но сите контакти биле прекинати во 1999 година, кога тој претрпел емотивен слом по смртта на неговиот татко, односно нејзиниот дедо Џон. После тоа започнала неговата долга борба со зависноста од алкохол.
Во 2013 година открил дека боледува од рак на дебелото црево, а потоа изјавил дека сака само неговата ќерка да се врати и призна дека е лош татко.
– Секој ден пиев два литра вотка и седум или осум шишиња пиво. Пиев така три години и само Господ знае како преживеав. Многу се срамев од она што станав – рече тогаш Марк.
Неговите пријатели тврдеа дека срцето му било скршено поради неговата врска со Адел и дека тој само сакал да биде нормален дедо на нејзините деца.
– Тој навистина нема живот, само постои. Порано беше водоводџија, но пред неколку месеци премина на достава – рекоа тие навремено.
Веста за смртта на Марк пристигна само неколку дена откако Адел го прослави својот 33-ти роденден, а по тој повод на Инстаграм ги објави најновите фотографии од нејзината приватна колекција.