„Таурус“ не е приоритет – Мерц со нов став за воената помош на Украина

од Љубиша Владимиров
84 прегледи

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека прашањето за испраќање на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина повеќе не е на дневен ред на владината коалиција. Гостувајќи во доцновечерната програма на германската телевизија ZDF, Мерц нагласи дека „внатре во коалицијата повеќе не се разговара за оваа тема“.

Тој истакна дека прашањето било пренагласено во јавноста, како да се работи за оружје блиску до нуклеарниот праг – нешто што, според него, не е точно. Со оваа изјава, Мерц значително ја смени својата реторика, особено ако се земе предвид дека во минатото, како лидер на опозицијата, силно се залагаше за испорака на ракетите „Таурус“ и често го критикуваше тогашниот канцелар Олаф Шолц за неговата воздржаност.

Мерц потсети дека Велика Британија и Франција веќе испорачуваат крстосувачки ракети во Украина, што, според него, за сега е доволно. И покрај тоа, дел од воените експерти и натаму сметаат дека германските ракети „Таурус“ би биле значајни за украинските воени напори.

Канцеларот упати и критика до своите претходници, кои уште на почетокот ја отворија темата за „Таурус“, велејќи дека јавна дебата за вакви чувствителни воени прашања е штетна. „Путин зборува одлично германски и му е доволно да ги гледа вечерните вести за да дознае што планираат Германија и Европа“, рече Мерц.

„Тоа му дава стратешка предност, а за нас претставува стратешки недостаток“, додаде тој.

Слични содржини