Меѓународниот Aеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, e награден од Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airports Council International) со ASQ-наградата за квалитет на аеродромските услуги, во категоријата: Најдобар аеродром во неговата големина и регион (од 2 до 5 милиони патници годишно во Европа) за 2020 година и во категоријата: Најдобри хигиенски мерки по регион (Европа) за 2020 година.
ACI World ги објави годинашните ASQ-награди за квалитет на аеродромските услуги, кои ги истакнуваат најдобрите аеродроми во светот, според проценките на нивните клиенти, денеска, на 1-ви март, 2021 година, во нивното седиште во Монтреал, Канада.
Ова е шести пат како Меѓународниот Аеродром Скопје се стекнува со наградата Најдобар аеродром во неговата големина во регионот на Европа. ТАВ Македонија претходно ja доби ASQ-наградата за скопскиот аеродром за 2019, 2018, 2015, 2013 и 2012 година.
„Многу сме среќни што ја слушнавме оваа добра вест денеска дека ACI World го награди Меѓународниот Аеодром Скопје како Најдобар аеродром во Европа во својата големина и за Најдобри хигиенски мерки во Европа, за 2020 година. Ова е шести пат како скопскиот аеродром ја добива ASQ-наградата од Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) во категоријата Најдобар аеродром во регионот на Европа во неговата големина, што нè прави многу благодарни, почестени и горди на ова достигнување. Покрај ова, ние сме многу среќни што сме наградени за нашите извонредни напори во текот на изминатата 2020 година, која беше една од најтешките години за глобалната авијација. И покрај сите оперативни предизвици со кои се соочувавме како резултат на пандемијата со КОВИД-19, сепак, успеавме да одржиме високо ниво на квалитет на нашите услуги и ASQ-наградата е доказ дека нашите патници ја препознаа нашата посветеност, фокусираност и напорна работа. Оваа ASQ-награда е особено важна, затоа што сега сме наградени не само како Најдобар аеродром во регионот на Европа во нашата големина, туку и во новата категорија – Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа, како резултат на позитивните оценки на патниците во делот на дополнителните анкетни прашања поврзани со хигиенските мерки на аеродромите воведени во 2020 година од страна на ACI. Би сакал да им се заблагодарам на сите вработени во ТАВ Македонија за нивната посветена работа на континуирано подобрување на квалитетот на услугите, но исто така им благодарам на нашите сестрински компании и нивните вработени – BTA (храна и пијалаци), ATU (бесцаринската продавница), TAV Technologies (ИТ-услуги), TAV MOS (Primeclass & комерцијални услуги) и Euroclean (услуги за чистење). На крајот, би сакал да истакнам дека ТАВ Македонија, како компанија од услужната индустрија, ќе продолжи да работи кон постигнување високи нивоа на задоволство на клиентите и тоа ќе остане еден од нашите главни приоритети.”, изјави Метин Батак, Генералниот директор на ТАВ Македонија.
„Наградите за квалитет на аеродромските услуги на ACI претставуваат највисоко можно признание за аеродромските оператори низ целиот свет. Оваа година повеќе од која било друга, наградите ги признаваат оние аеродроми што ги слушале своите клиенти и ги прилагодиле услугите и искуствата што ги нудат за да ги исполнат променливите потреби и очекувања под многу тешки околности. Горд сум на достигнувањата на сите добитници на ASQ-наградите, што го покажува нивниот фокус на обезбедување на совршеност во искуството на клиентите и поставување пример за одличност за другите аеродроми. Како индустрија, ние се здружуваме за да одговориме на предизвиците на пандемијата со КОВИД-19, а фокусот кон клиентите којшто го обезбедува ASQ-програмата ќе им помогне на аеродромите да го трасираат патот”, изјави Луис Фелипе де Оливеира, Генералниот директор на ACI World.
Како учесник во ASQ-програмата за истражување на мислењата на патниците, Меѓународниот Аеродром Скопје се натпреварува со аеродроми со иста големина – од 2 до 5 милиони патници годишно, и во истиот регион – Европа, со што во 2020 година, овој панел за истражување на ASQ, се состоеше од вкупно 17 аеродроми: Аеродромот Абердин, Аеродромот Мадеира, Аеродромот Џирона Коста-Брава, Аеродромот Лондон Сити, Аеродромот Менорка, Аеродромот Пафос, Аеродромот Сантијаго, Меѓународниот Аеродром Скопје, Аеродром Сауттемптон, Аеродромот Сола, Аеродромот Тбилиси, Аеродром Талин, Аеродромот Лангнес, Аеродромот Ваернес, Аеродромот Касељ, Аеродромот Вилнус и Аеродром во Загреб.
Програмата за квалитет на аеродромските услуги е водечка програма за мерење и одредување на искуствата на патниците на аеродромите. Таа го мери задоволството на патниците во заминување, преку 34 клучни индикатори за перформансот на аеродромските услуги. Повеќе од половина од патниците во светот минуваат низ ASQ-анкетните прашалници на аеродромите.
Во услови на глобална пандемија и во време на драматичен пад на глобалниот патнички сообраќај, како и при промената перцепција и очекувања од страна на патниците, ACI World ja адаптираше ASQ-програмата за контрола на квалитетот на аеродромските услуги, со цел резултатите од истата да бидат глобален репер за највисок квалитет на аеродромите ширум светот.
И покрај предизвиците што ги носи пандемијата, аеродромите успеаја да ги соберат потребните анкети од патници во текот на целата година, а како резултат на резултатите од ова истражување, доделени се 108 награди на 89 аеродроми ширум светот.
Врз основа на новите прашања поврзани со хигиената додадени во анкетниот прашалник, ACI воведе и нова награда – „Најдобри хигиенски мерки по региони”, во која има вкупно 33 добитници на светско ниво.
ТАВ Македонија ја заврши 2020 година со пад на патничкиот сообраќај за 71 отсто.
За разлика од 2019 година, кога на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид заедно имаa вкупно 2,7 милиони патници, во 2020 година преку двата македонски аеродроми патуваа вкупно 782.876 патници.
Најголем предизвик за закрепнување на македонскиот патнички сообраќај се ограничувањата за патување за македонските граѓани воведени од земјите-членки на ЕУ/ Шенген зоната, каде што е концентриран над 77 отсто од воздушниот сообраќај.