Големи се шансите Меган Маркл и принцот Хари да присуствуваат на крунисувањето на Чарлс Трети на 6 мај во Лондон. Бакингемската палата прави планови за нивно присуство на крунисувањето на новиот британски крал, пишува Daily Mail.
На персоналот задолжен за логистички подготовки за историскиот настан им е наложено да ги вклучат војводата и војвотката од Сасекс во својата програма на 6 мај, според неименувани извори.
Сепак, добро упатени извори велат дека сè уште нема информации дека парот формално ја прифатил поканата од кралот Чарлс, за која нивниот портпарол рече дека неодамна им била испратена „преку е-пошта“.
Сепак, фактот дека Бакингемската палата се подготвува за нивно присуство е најсилниот сигнал дека Хари и Меган ќе присуствуваат на крунисувањето, и покрај тоа што се дистанцираат од монархијата во последните три години.
„Хари и Меган се вклучени во планирањето… автомобилите, распоредот на седиштата, вечерите, сè“, рекол извор, додавајќи дека никој со сигурност не знае дали дефинитивно ја прифатиле поканата.
Сепак, се уште се чека официјална потврда за пристигнувањето на Меган и Хари во Лондон.
Инаку, неодамна беше објавено дека децата на британскиот принц Хари и Меган ќе ги носат титулите принц и принцеза, а парот првпат јавно ја искористи титулата на нивната ќерка кога објавија дека е крстена.
Според кралските правила, внуците на монарсите можат да носат титули на принцови или принцези, што значи дека децата на Хари, Арчи и Лилибет, имаат право да ги користат титулите откако неговиот татко стана крал минатиот септември.