Тејлор Свифт ги откупи своите први шест албуми: „Остварен ми е најголемиот сон, ви благодарам на сите“

од Марта Пешевска
26 прегледи

По години борба за сопственост врз својата музика, Тејлор Свифт конечно успеа да ја врати контролата врз оригиналните снимки од нејзините први шест албуми. Пејачката ги изгуби правата врз овие снимки во 2019 година, кога нејзината прва издавачка куќа Big Machine ги продаде на менаџерот Скутер Браун, личност која таа ја смета за еден од најголемите антагонисти во нејзината кариера.

Свифт тогаш јавно изрази разочарување, нарекувајќи ја продажбата “најлошото сценарио”. Таа тврди дека никогаш не ѝ била дадена вистинска можност самата да ги откупи снимките, туку требало да “заработи” право на секој албум што сака да го откупи, со создавање нови албуми под истата издавачка куќа. Сепак, по неколку години, ситуацијата конечно се смени. Инвестицискиот фонд Шамрок Капитал, кој ги купи мастер снимките од Браун за околу 300 милиони долари, ја понуди можноста на Свифт да ги откупи. Таа не само што ги откупи мастер снимките, туку заедно со нив ги доби и музичките видеа, концертни снимки, албумите, фотографии и дури и необјавени песни. Во писмо до обожавателите, Тејлор напиша:

„По 20 години ветувања што постојано ми се лизгаа од раце, речиси престанав да верувам дека ова некогаш ќе се случи. Но, сега сето тоа е зад мене. Целата музика што некогаш сум ја создала… сега ми припаѓа мене“.

Таа изрази благодарност до Шамрок Капитал, велејќи дека нивниот пристап бил „искрен, почитувачки и човечки“ и дека конечно ѝ дале можност да го откупи својот труд на начин кој секогаш го посакувала – без обврски и со целосна слобода.

Во меѓувреме, Тејлор презеде и дополнителен чекор за да ја намали вредноста на оригиналните снимки – почна да ги преснимува своите албуми. Меѓу 2021 и 2023 година ги објави новите „Верзии на Тејлор“ за албумите Fearless (2008), Red (2012), Speak Now (2010) и 1989 (2014). Овие нови верзии веќе почнаа да се користат во телевизиски емисии и филмови. Минатата недела, новата верзија на „Look What You Made Me Do“ беше емитувана во серијата The Handmaid’s Tale, како најава за реиздавањето на албумот Reputation (2017).

Благодарение на нејзината улога како главен текстописец на песните, Свифт има законско право да ги преснима и дистрибуира своите песни повторно, спречувајќи ги сопствениците на старите снимки да профитираат од нивна употреба. Со оваа победа, Тејлор Свифт не само што ја врати сопственоста над својата уметност, туку и испрати силна порака за правото на уметниците да ја контролираат својата работа.

Слични содржини