Не престануваат реакциите откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска тргна во „лов“ на дивоградбите на територија на општина Чаир. Вчера Арсовска информира дека градоначалникот Висар Ганиу ѝ се заканува бидејќи му открила 150 нелегални објекти во неговата општина. Децидна е дека нема тука никаква политика и рече дека ниту една друга скопска општина не легализира дивоградби на ваков начин. Таа порача дека го чека Ганиу да се појави бидејќи направил фалсификат на документација со која овозмжил легализација спротивна на закон. Веднаш стигна реакција од локалната власт во Чаир, но и од екс-градоначалникот и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити. Од Кабинетот на Ганиу жалат што Арсовска во последните месеци од нејзиниот мандат, „дозволила да биде инструментализирана и претворена во извршител на сомнителни политички агенди“. И Меџити вели дека градоначалничката е жртва на туѓи нарачатели кога прави обиколки низ Чаир и ја повика Арсовска да направи обиколка и во скопски Сарај за, како што рече, да види како таму стои бројот на дивоградби.
За препукувањата и акцијата на Арсовска побаравме став и мислење од дел од советниците во Советот на Град Скопје. Оттаму велат дека за ваквите активности на градоначалничката разбрале од медиумите, но и дека не можат да дадат проценка зошто се одлучиле за вакво нешто во тајминг речиси пред локалните избори и пред крајот на нејзиниот мандат. Советникот Никола Пановски кој доаѓа од редовите на листата на Коалицијата на ЛДП и ДОМ во изјава за „Локално“ вели дека со Арсовска е присутна советничката Ирена Витина која е единствената која остана верна на градоначалничката.

Никола Пановски
-Зошто баш Чаир не знам. Не е толку национална основа, туку затоа што општината ја води човек од ВЛЕН, коалициски партнер на нејзиниот главен непријател, премиерот Христијан Мицкоски. Мислам дека е провокација во смисол „Ај да ве видам сега дали ќе преземете нешто“. Зошто беше пасивна 3 години, а сега го прави ова, не знам, посочува Пановски.
Советникот смета дека досега требаше МВР да ги уапси инвеститорите, одговорните инспектори и бирократи, односно дека барем така се декларираа по трагедијата во Кочани.
-Секако и Обвинителството да почне истрага. Ако не се постапи брзо и ефикасно, ништо од неселективност во борбата против корупцијата и се паѓа во вода, оценува Пановски.

Гордан Шутаров
Со сличен став и советникот Гордан Шутаров кој е дел од советничката група на СДСМ и коалицијата. Вели дека не би можел да процени и да даде релевантен суд за временскиот интервал во кој Арсовска спроведува определени активности за детектирање на бесправно изградени објекти на територија на Град Скопје, иако, како што вели, тоа е процес кој треба нормално и на секојдневна основа да се спроведува во Градот Скопје, бидејќи законот важи за цела територија на Македонија и за сите граѓани без разлика на нивната политичка или национална припадност.
-Лично, не сакам да помислам ниту да размислувам во насока на тоа дека ваквото делување е на национална основа, а дополнително сметам дека на ваквите прашања, за ваквото постапување на Арсовска сепак треба да даде директно одговор и самата градоначалничка, вели Шутаров во изјава за „Локално“.
Советникот потенцира дека Јавното обвинителство може и треба да постапи по службена должност и по допрен глас за што веќе се исполнети условите, но и во соработка со МВР и Град Скопје со цел прибавување на сите релевантни факти и докази кои се битни за понатамошно постапување и очекувам сите институции кои имаат надлежност за постапување во вакви случаи, доследно да бидат на висина на задачата.
Став побаравме и од претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, кој воедно е и дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во кратка изјава за „Локално“, тој само посочи дека Советот нема надлежност над она што се активности на градоначалничката Арсовска во изминатите денови.

Катерина Јовановска
Од советничката група на Левица во градскиот Совет, иако исто така порачуваат дека не сакаат да шпекулираат во однос на тајмингот за реакцијата на „градската мајка“ во однос на дивоградбите во Чаир, велат дека е подобро да се реагира некогаш, отколку никогаш. Ваков е ставот на советничката Катерина Јовановска. Поаѓајќи од тоа дека јавна тајна е дека во Чаир има најмногу дивоградби, Јовановска смета дека оваа акција на Арсовска не е иницирана од некакви етнички побуди.
-Да се потсетиме дека пред шест месеци, наводно поради лошата инсталација на струја, избувна пожар во зграда во Чаир, која е што е нова, градена пред само десетина години и која што според кажувањата на граѓаните исто така е дивоградба и во која станарите се уште не можат да се вратат во своите домови од безбедносни причини. Законите и законските одредби треба да важат подеднакво за сите и доколку истите се прекршени, без разлика дали се работи за градоначалник или друга политичка фигура, потребно е надлежните институции соодветно да реагираат, особено поради фактот дека кога се работи за дивоградби не се работи само за проблем од естетски причини,туку и поради фсктот дека безбедноста на граѓаните се доведува во прашање, посочува советничката во изјава за „Локално“.

Висар Ганиу
Дивоградба распространета на неколку илјади метри квадратни државно земјиште, без документи, проект и одобрение за градба, се гради во Општина Чаир. Ова пред една недела го регистрираа надлежните служби од Град Скопје, кои по пријава на граѓани, излегоа на терен и подготвија записници. Скопската градоначалничка го повика Ганиу да постапи согласно законот, а побара и реакција од Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.
Арсовска не одржала состанок со градоначалниците 3 ипол години, а сега ме повикува од тротоар, став на градоначалникот на Чаир, Ганиу. Тој ја повика да дојде во Чаир и за капитални инвестиции.
Скопската градоначалничка, меѓу другото, го обвини градоначалникот на Чаир и за незаконско справување со сметот во општината, откако било утврдено дека со камион се собира од територијата на Чаир и се остава пред контејнерите на град Скопје. Ганиу пак вели, собирањето на отпад од обемни материјали не функционира, а ние имавме иницијатива за негово собирање, но бевме запрени.
Н.П.