Текстилците на нови маки – забавени нарачките од Германија

од Vladimir Zorba
511 прегледи

Намален број на работници, проблеми со набавка на суровини по земјотресот во Турција, долготрајни последици од војната во Украина. На оваа цела низа на предизвици  со коишто се соочува македонската текстилна индустрија, рецесијата во Германија и зададе нови, уште потешки главоболки. Во ваква ситуација се трошат залихите, а времето на нарачки се пролонгира.

Не можеме да кажеме дека нарачките се намалени, туку се забавени кај дел од фирмите. Зависи кога се направени нарачките, но како и да е се чувствува успорување. Нема на повдиок јасна слика што ќе се случува во септември, па ни останува да се надеваме дека ситуацијата  се должи на одморите. Нашите купувачи и трговијата работи на набавка на суровини  со трошење на залихите. Не знам како нашата ранлива текстилна индустрија ќе го издржи ова“, изјави за „Локално“, Маријана Перковска- претседател на текстилниот кластер.

Маријана Перковска

Маријана Перковска

Работите се усложуваат особено ако се има предвид дека дури 70% од нашите текстилни производи завршуваат на германскиот пазар, и тие се наменети за широка популација, односно најмногу за луѓе од средната класа.

„На нивниот пазар се чувствува намалување на потрошувачката а тоа за нас значи намалени налози и помалку работа , ситуација што веќе  е актуелна. Во Германија се прави веднаш паника кога малку се менува животниот стндард, но се надеваме  дека брзо ќе се навикнат на промените и ќе продолжи процесот на трошење на производите кои ние ги произведуваме“, вели Перковска .

Оттука, единствената сламка за која се држи текстилниот сектор е оптимизмот дека оваа ситуација нема долго да трае, бидејќи последиците би биле катастрофални, особено ако се има предвид дека многу компании се затворија за време на пандемијата , па во оваа индустрија  неколкукратно е намален бројот на вработени.

На евентуалните последици од кризата во Германија предупредува и Ангел Димитров- управител на текстилната компанија „Мода“. Според него, стагнацијата ќе има влијание, но во моментов станува збор за техничка рецесија, а не за големи бројки. Оттука, таа, како што вели, сеуште не е драстична, па Димитров се надева дека така и ќе остане.

Ако трае подолго, сигурно ќе има влијание затоа што клучен е оптимизмот кај купувачите во Европа. Ако кризата потрае, кај нив ќе се намали желбата за купување и тоа автоматски ја намалува побарувачката. Сето тоа кај нас ќе значи дополнително скратување на капацитетите“, коментира Димитров.

Посочува дека први коишто ќе ја почувствуваат намалената побарувачка во Германија ќе бидат помалите компании кои практично се втора рака во процесот на производство, односно немаат директни контакти со одреден бренд. Такви се неколку компании кај нас кои имаат обезбедено работа само до крајот на овој месец поради што веќе бараат помош.

Ангел Димитров

Ангел Димитров

„Мода“ засега нема проблеми од овој тип  бидејќи работи за партнер кој е доминантрен сопственик на компанијата и кај него во моментов нема негативни предвидувања за пад на побарувачката. Во оваа насока Димитров посочува дека пандемијата и високата цена на гасот поради  војната со Украина, беа главните причини поради кои многу компании од преработувачката индустрија се иселиле од Германија бидејќи станале нерантабилни.

„Тоа и натаму ќе влијае, но ние  учествуваме со многу мала додадена вредност, со многу мал процент во прометот.  Во извозната промоција на Македонија пишува дека нашите компании во ТИРЗ, имаат само 3% додадена вредност, или на 100 мил. евра извозот е само 3 милиони, а се друго е увоз од надвор. Тоа е така бидејќи ние сме преработувачи на репроматеријали кои се произведуваат надвор“, објаснува Димитров.

Како најдобра опција за македонската економија го посочува извозот, особено ако се има предвид дека покриеноста на извозот со увоз ни е помалку од 70 % што значи голем трговски дефицит. Важноста на Германија во економска смисла  станува уште појасна знаејќи дека во другите држави извезуваме далеку помали количини производи, а САД е нереална опција поради поскапиот транспорт. Оттука и неговиот песимизам дека оваа индустрија може брзо да се прилагоди и да ги пренасочи капацитетите на други пазари.

Проблем кој дополнително ја усложнува и онака тешката ситуација во текстилниот сектор е и драстичноти намалување на вработените , поради што оваа индустриска гранка сектор полека но сигурно го губи својот потенцијал.  

К.В.С.

Слични содржини