Тел Авив: Израелците што ќе одат на Евровизија да си го прикријат идентитетот

Не велиме дека не треба да се патува таму, но оние кои патуваат не треба да го изразуваат својот ционизам, велат од Израелскиот Совет за национална безбедност.

од Бети Божиноска

Израелците што гопдинава ќе патуваат во Шведска за да присуствуваат на изборот на песна на Евровизија треба да се погрижат да го сокријат својот идентитет, изјави вчера неименуван израелски функционер на брифинг со новинарите, пренесува „Тајмс оф Израел“.

„Не велиме дека не треба да се патува таму, но оние кои патуваат не треба да го изразуваат својот ционизам. Можете да зборувате хебрејски еден со друг, но не мора да ги довикувате членовите на семејството или пријателите од другата страна на улицата“, рече претставникот, и додаде дека Израелците во Малме не треба да се шетаат со мали израелски знамиња.

Тој истакна дека иако не e издадено официјално предупредување за оваа скандинавска земја, самата локација на која ќе се одржува музичкиот фестивал ќе биде безбедна, но дека Малме е, како што наведува, „непријателска област за Израелците“ и во него живее голема муслиманска популација.

Музичкиот натпревар ќе се одржи на 5 мај, а израелскиот претставник Еден Голан сепак ќе се натпреварува на фестивалот, беше објавено по неколкумесечната неизвесност околу учеството на Израел поради протестите и обвинувањата за политизација по израелската офанзива во Појасот Газа, која уследи по терористичкиот напад на Хамас.

Израелскиот Совет за национална безбедност во четвртокот исто така ги предупреди Израелците да избегнуваат патување во Турција, Мароко, Јордан и во Египет – вклучувајќи го и Синајскиот Полуостров, кој обично е популарна дестинација за одмор на Израелците за време на Пасха – во ажурираните предупредувања за патување што ги издаде за следните месеци.

Во општото предупредување за патување низ светот, НСЦ вели дека „потенцијалот за терористички закани против Израелците и Евреите повеќе од пет месеци по почетокот на војната е многу висок“. Во него се нагласува дека четирите земји, со кои Израел одржува дипломатски врски, „треба да се избегнуваат во моментов“.

Слични содржини