Телеком Австрија може да ги земе предвид Huawei и ZTE за 5G мрежите

од Stefanija Kuzmanovska
334 прегледи

А1 Телеком Австрија групацијата, членка на компанијата America Movil на Карлос Слим, е отворена да ги земе предвид кинеските снабдувачи како што се Huawei и ZTE за претстојните 5G мрежи во неколку земји, изјави Извршниот директор на компанијата.

Европските влади, по дипломатскиот притисок од Вашингтон, ја заоструваат контролата над кинеските компании кои градат 5G мрежи, но Телеком Австрија не забележа никаков притисок во повеќето европски земји во кои работи.

Соединетите американски држави го обвинуваат Huawei за овозможување на кинеско шпионирање – тврдење што го негираат самата компанија и официјален Пекинг.

„За нас е многу важно да имаме пазари каде што имаме кинески провајдери за да ги тестираат перформансите на различните мрежи во реално време“, изјави Извршниот директор, Алехандро Платер во интервју за „Ројтерс“.

„Кинеската технологија не само што е поевтина, туку нуди и карактеристики што се подобри од нивните европски колеги, што ја прави конкурентна“, рече тој.

America Movil, матичната компанија на Групацијата А1 Телеком Австрија, минатата година го нарече Huawei одличен провајдер на телекомуникациска опрема.

Телеком Австрија има 25 милиони клиенти низ Австрија, Бугарија, Хрватска, Белорусија, Словенија, Србија и Северна Македонија.

„Потребни ни се неколку опции, не можеме да имаме само две“, истакна Платер.

Но, Северна Македонија ги заостри своите правила во поглед на телекомуникациите, со рамка за 5G мрежите, што ги повикува операторите постепено да ги заменат „недоверливите“ снабдувачи.

„Како членка на НАТО, Северна Македонија ќе се прилагоди на стандардите на другите земји-членки на Алијансата во врска со ова прашање“, рече претставник на македонската влада.

Од друга страна, шведскиот суд ја потврди забраната против Huawei да продава 5G опрема во земјата, со што ги уништи надежите на кинеската компанија за враќање во Европа.

„Ја воведовме 5G мрежата во Австрија, Бугарија, наскоро ќе ја лансираме и во Словенија, а за останатите земји сè уште чекаме да го добиеме спектарот“, рече Платер.

Доцнењето за аукцијата на 5G спектарот – бранови неопходни за операторите да почнат да нудат комерцијални 5G мрежи – беше една од главните пречки за воведувањето на 5G во неколку земји во Европа.

Слични содржини