Култниот филм „Телохранителот“, The Bodyguard, со Витни Хјустон наскоро ќе добие римејк, а продуцентите на филмот наводно сакаат Ким Кардашијан да биде во главната улога. Претходно се споменуваше дека главната улога би можела да ѝ припадне на Тејлор Свифт, но сега сè повеќе се шпекулира дека токму Ким ќе ја добие.
„Сите претпоставуваа дека Тејлор ќе ја добие улогата што првично ја играше Витни Хјустон, бидејќи Сем Вренч, кој го режираше филмот од 2023 година за турнејата Eras на Тејлор, работи и на римејкот на ‘Телохранителот’“, изјави извор за Daily Mail.
Како што се тврди, студиото Warner Bros е многу заинтересирано Ким да биде дел од овој филм.
„Веќе имаа неколку состаноци и сценариото е напишано за неа. Ким е една од најпознатите личности во светот, таа би била совршена за „Телохранителот“ и таа го знае тоа. Сите се многу возбудени“, изјавил изворот.
Претходно беше објавено дека Тејлор Свифт била блиску до потпишување на договор и наводно размислувала за нови песни кои би ги напишала специјално за филмот. Да потсетиме, Витни Хјустон ја играше поп-ѕвездата Рејчел Марон, на која ѝ се заканува фанатичен обожавател. По експлозијата на бомба во нејзината соблекувална, таа решава да го ангажира Френк Фармер како свој телохранител. Во текот на филмот, меѓу Френк и Рејчел се развива блиска врска, па иако еднаш спијат заедно, Френк веднаш ја прекинува нивната афера.
Филмот заработи повеќе од 400 милиони долари, а саундтракот се продаде во над 50 милиони примероци. Во 1994 година, доби „Греми“ награда за албум на годината. За „Оскар“ беа номинирани песните I Have Nothing и Run to You, додека I Will Always Love You стана една од најпознатите филмски песни на сите времиња.