Тензии во компанијата „Тесла“. Акционерите бараат одговорност и отштета од 13 милијарди долари од основачот на компанијата и извршен директор Илон Маск поради преземањето на другата негова компанија „Солар сити“.
Акционерите поднесоа тужба против Маск, тврдејќи дека тој ја злоупотребил својата позиција како најголем косопственик за да го убеди одборот на директори на производителите на електрични автомобили да преземе високо задолжена и нестабилна компанија во тоа време. Според наводите од тужбата, преземањето на компанијата „Солар сити“ било непотребно за „Тесла“ и само го оптоварувало бизнисот на таа компанија, пренесува РТ.
„Во овој случај, се истражува дали преземањето на Солар Сити било спас на таа компанија од финансиски проблеми, оркестрирано од Маск“, изјави Ренди Барон, адвокат на акционерите на судското рочиште.
Тој договор ја чинел Тесла 2,6 милијарди долари во 2016 година, а акционерите веруваат дека Маск сега им должи 13 милијарди долари, бидејќи цените на акциите на Тесла се зголемија оттогаш.
Пред преземањето на Солар Сити, Илон Маск беше најголемиот акционер во компанијата, која ја основаа негови роднини, со 22 отсто од акциите. Беше и претседател на управниот одбор на „Солар сити“ во тоа време, како и генерален директор и претседател на „Тесла“. Затоа акционерите на „Тесла“ сметаат дека Маск си наместил поголема добивка и корист отколку што имала компанијата „Тесла“.
На претходните сослушувања, Маск се бранеше дека преземањето е дел од неговиот глобален план за создавање на интегрирана енергетска компанија, која ќе ги комбинира соларните панели произведени од Солар Сити со автомобилите и батериите на Тесла. Неговите адвокати додадоа дека „Солар сити“, кој сега функционира како „Тесла солар“, во моментот на преземањето не била ни блиску до колапс и дека е перспективна компанија.
Маск го критикуваше барањето за обештетување како „неоправдано високо“, наведувајќи дека тоа е сума пет пати поголема од која било компензација утврдена со пресуда досега. Пресудата се очекува за околу три месеци.