Во тепачка меѓу Турци и етнички Курди, кои дошле да гласаат на изборите во турската амбасада во Токио, повредени се најмалку 12 лица.

szag

Општите избори во Турција ќе се оддржат на 1 ноември, но во амбасадата на оваа земја во Токио се организираат денеска, пренесуваат француските медиуми.

На снимките на јапонската телевизија ТБС се гледа како полицајци пред турската мисија ги разделуваат завојуваните страни. Според информацијата на телевизијата, меѓу повредените се и двајца јапонски полицајци, а непосредната причина за тепачката се уште не се знае.

Според изјавата на еден гласач од турска националност, судирот избил кога Курдите, наводно, се обиделе да го развиорат знамето на една прокурдска партија.

Од друга страна, еден припадник на курдската етничка група изјавил дека изненадувачки бил нападнат пред амбасадата додека со пријатели седел во својот автомобил.

Според официјални податоци, во Јапонија престојуваат околу 3.600 турски државјани.

Изборите во Турција ќе се организираат во атмосфера на ескалација на насилството на југоистокот од земјата, населен  доминантно со Курди,  и покрај договорот за прекин на огнот од 2013 година, со кој требаше да се заврши тридецениското курдско востание, во  кое  досега погинаа десетици илјади лица.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги закажа изборите откако неговата Патија на правдата и развојот (АКП) на изборите од  7 јуни го загуби мнозинството во Парламентот, останувајќи без поддршката од една прокурдска партија. Заради тоа дојде до преговори за коалициска Влада, но тие завршија без успех./МИА

Слични содржини