Најмалку 12 лица загинаа во бомбашки напад на влезот во џамија во Кабул, а 32 се повредени, објави телевизијата Ал Џезира, повикувајќи се на извор во авганистанската безбедносна служба.
Целта на бомбата беше џамија каде се одржа комеморацијата за мајката на портпаролот на Талибанците, Забинула Муџахид, и каде се собраа талибанските лидери, поточно претставници на Министерството за одбрана.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Кари Саид Хости изјави дека три лица се приведени под обвинение за подготвување и извршување терористички напад.
Досега никој не ја презел одговорноста за нападот.
Во почетокот на август, Талибанците ја зголемија офанзивата против владините сили во Авганистан. На 15 август милитантите влегоа во главниот град и ја презедоа контролата врз претседателската палата, а на 16 август објавија дека војната во Авганистан е завршена и дека државниот систем ќе биде утврден во блиска иднина. Ноќта на 31 август, американската армија го напушти аеродромот во Кабул, што го прекина речиси 20-годишното американско воено присуство во Авганистан. На 6 септември, Талибанците објавија дека Паншир, последната од 34 авганистански провинции, исто така, е под нивна контрола. Следниот ден, беше објавен составот на привремената влада на Авганистан: ќе биде предводен од Мухамед Хасан Ахунд, кој беше министер за надворешни работи за време на првото владеење на Талибанците и е под санкции на ОН.