Дојдоа тешки времиња за љубителите на чоколадо. Многу производители ги зголемуваат цените, а сега им се придружува особено популарниот бренд – Milka.
Големите германски малопродажни синџири како Aldi, Edeka, Kaufland, Reve и Rosmann неделава нудат табли Milka во класична големина за 1,99 евра, наместо досегашните 1,49 евра, покажува анализата на порталот за споредба на цени Smhaggle, цитирана од dpa.
Во продавниците на некои други трговци на мало, сè уште можете да купите разни видови на овој бренд по речиси нормални цени. Регионално, цените може да се разликуваат, на пример, поради промоции и попусти.
Производителот на Milka, компанијата Mondelez, се уште не се изјаснил за поскапувањата. Последен пат чоколадата Milka поскапе во малопродажбата минатото лето, за околу 10 отсто.
Чоколадите од други производители, како Ritter Sport, веќе значително поскапеа минатата година. Lindt & Sprüngli, исто така, ги зголеми цените и планира уште едно поскапување во текот на годината.
Производителите се жалат на лошата реколта и на последиците од климатските промени. Во почетокот на 2024 година, цената на какаото достигна рекордно високо ниво.
„Има недостиг на какао на светските пазари, што ги зголемува цените“, вели Керстин Вебер, експерт во Светскиот фонд за природата (WWF).
Екстремните временски услови како што се долготрајните суши, обилните дождови или поплавите ги намалија приносите, влијаеја на квалитетот или целосно ги уништија посевите.
На многу места, какао дрвјата се исто така нападнати од болести. Вебер очекува цените да останат високи во текот на годината.
Чоколадото во просек било за 14,6 отсто поскапо во декември отколку во истиот месец во 2023 година, покажуваат податоците на Федералниот завод за статистика. Цените растеа и во претходните години.