Планираното проширување на фабриката на американскиот производител на електрични автомобили Tesla во близина на главниот град на Германија доби зелено светло од Министерството за животна средина на сојузната покраина Бранденбург, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Проширувањето ќе го зголеми годишниот производствен капацитет од 300.000 автомобили на еден милион, пишува Seebiz.
Локалните власти во Гринхајд, каде што се наоѓа фабриката, дадоа дозвола за проширување во средината на мај.
Фабриката во близина на Берлин, која вработува околу 12.000 луѓе, објави планови за зголемување на годишниот капацитет минатата година.
Фабриката, која моментално се простира на околу 300 хектари, требаше да се прошири за уште 170 хектари, но Tesla ги ограничи плановите поради силното противење на локалното население.
Германската фабрика, единствена во Европа, беше отворена во 2022 година по две турбулентни години од добивањето градежни дозволи. Компанијата мораше да надмине голем број административни и правни пречки пред да започне со производство, вклучително и поплаки од локалните жители за влијанието на фабриката врз животната средина.
Најавата за проширување беше проследена со протести. Локалните жители беа загрижени за сечењето на шумите што ќе биде потребно за проширување, големата потрошувачка на вода на фабриката и зголемувањето на патниот сообраќај во областа. Протестите против фабриката се интензивираа по февруари, а во март фабриката беше принудена да го запре производството по наводниот подметнат пожар на блиските далноводи, за што одговорноста ја презеде германска екстремна левичарска група.