„Тесла“ казнет со повеќе од два милиони евра поради „лажење“

од Nikola Popovski
152 прегледи

Јужнокорејскиот антимонополски регулатор соопшти дека ќе ја казни компанијата „Тесла“ со 2,85 милијарди вони (2,08 милиони евра) затоа што не ги информирал своите клиенти за намалениот опсег на возење на електричните возила на ниски температури.

Корејската комисија за фер трговија (KFTC) соопшти дека од август 2019 година, Тесла го рекламира на својата официјална локална веб-страница „досегот на возење на своите автомобили со едно полнење, нивната ефикасност на гориво во споредба со возилата на бензин и перформансите на нивните суперполначи“, пренесува Ројтерс.

Од Тесла не биле веднаш достапни за коментар.

На својата веб-страница, компанијата нуди совети за зимско возење, како загревање на возилото пред возење преку апликацијата, како и користење на ажурираната апликација „Energy“ за следење на потрошувачката на енергија, но не се споменува губењето на опсегот при температури под нулата.

Минатата година, KFTC го казни германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц и неговата корејска единица со 20,2 милијарди вони за лажно рекламирање поврзано со емисиите на гас од неговите дизел возила.

Проблемите со кои се соочуваат електричните возила при екстремни температури се надалеку познати, иако електричните возила се популарни на пазарите како Норвешка, каде четири од пет возила продадени минатата година беа на батерии, а Тесла беше најпродаваниот.

Студијата од 2020 година на 4.200 електрични возила од сите марки на канадската компанија „Geotab“ покажа дека повеќето модели имаат сличен пад на опсегот при ладно време, првенствено затоа што батеријата се користи и за загревање на кабината на автомобилот.

На малку над 20 степени Целзиусови, просечниот електричен автомобил го надминува наведениот опсег, но на минус 15 степени, истиот автомобил нуди 54 проценти од декларираниот досег, покажа истражувањето.