Американскиот производител на електрични автомобили Tesla поседувал биткоини во вредност од речиси 2 милијарди долари на крајот на минатата година, според финансиските документи поднесени до Комисијата за хартии од вредност (SEC).
„Во првиот квартал од 2021 година, инвестиравме вкупно 1,5 милијарди долари во биткоин. Веруваме во долгорочниот потенцијал на дигиталните средства и како инвестиција и како ликвидна алтернатива на готовината“, се вели во документите.
„Фер пазарната вредност на биткоините што ги поседуваме заклучно со 31 декември 2021 година е 1,99 милијарди долари“, велат тие.
Извршниот директор на Tesla, Eлон Маск, на почетокот на минатата година изјави дека компанијата почнала да прифаќа биткоин како средство за плаќање, но компанијата ја сопре опцијата во мај поради еколошки грижи.
Биткоинот, најголемата криптовалута во светот по пазарна капитализација, ја заврши 2021 година со профит од приближно 60%, тргувајќи се за нешто повеќе од 46.000 долари на 31 декември, според „Анадолија“.
Иако цената на биткоинот падна под 30.000 долари на 20 јули минатата година, на 10 ноември таа се искачи на највисокото ниво во својата историја од 69.000 долари.
И покрај големиот пад од тогаш поради високата нестабилност, биткоинот се опорави во последните денови и се искачи над 44.000 долари.
Tesla е втората по големина јавно тргувана компанија во светот по MicroStrategy, која поседува биткоин. Се проценува дека компанијата поседува речиси 43.000 биткоини.