Американскиот концерн за електрични автомобили Tesla Inc. ги намали цените на некои од своите модели во Јужна Кореја, втор месец по ред кога компанијата презема такви мерки за да остане конкурентна, објави Ројтерс, цитирајќи локален претставник за продажба.
Цената на основниот Model 3 сега изнесува 59,9 милиони вони (48.728,50 долари), покажува веб-страницата на компанијата, што претставува пад од повеќе од 5 отсто од цената од претходниот месец.
Model Y Performance сега е достапен за 82,69 милиони вони (67.050 долари), што е за речиси 13% помалку од јануарската цена од 94,73 милиони вони (76.812 долари).
Намалувањето на цените варира помеѓу моделите и се движи од 3,5 милиони вони до 12,6 милиони вони.
Официјалниот претставник на Tesla за земјава ги потврди новите цени за моделите.
Ројтерс во средата објави дека Tesla планира да го зголеми производството во фабриката во Шангај во следните два месеци за да ја задоволи побарувачката поттикната од агресивното намалување на цените на своите најпродавани модели.
Американската компанија предводена од Елон Маск е во средина на серија намалувања на цените во обид да остане во чекор со побарувачката. Во средината на јануари, Tesla драматично ги намали цените на Model 3 и Model Y за американскиот пазар за да се квалификува за целосниот износ на федерални стимулации гарантирани во новиот Закон за намалување на инфлацијата (IRA) потпишан од американскиот претседател Џо Бајден во август.
Верзијата со погон на сите тркала на Model 3 сега е по цена од 53.990 долари, што е за 14% помалку од претходната цена од 62.990 долари. Верзијата на моделот Y со најголема километража сега е по цена од 52.990 долари, што е за 20% помалку од претходните 65.990 долари.