Производителот на електрични автомобили Тесла заработи повеќе од 1 милијарда долари за прв пат во еден квартал, соопшти американската компанија.
Компанијата, основана од Елон Маск, оствари десет пати поголем годишен раст на нето добивката во кварталот до крајот на јуни, од 1,1 милијарда долари.
Приходите се зголемија за 98 проценти, на вкупно 12 милијарди долари.
Кварталните резултати на компанијата далеку ги надминаа очекувањата на аналитичарите, но берзите реагираа релативно претпазливо, па акциите на Тесла остварија само мала добивка.
Тесла, исто така, постигна рекордни резултати во производството и испораката на електрични автомобили во изминатиот квартал. Компанијата испорача 201.304 возила на клиенти и произведе 206.421, најмногу досега во квартал од основањето на компанијата во 2003 година.