Tesla забележа раст на продажбата од 36 отсто во првиот квартал

од Vladimir Zorba
142 прегледи

Американскиот производител на електрични автомобили Тесла продаде 423.000 возила во првиот квартал од оваа година, што е за 36 отсто повеќе во однос на истиот период во 2022 година, пренесува француската новинска агенција АФП.

Резултатот, сепак, е под очекувањата на аналитичарите кои очекуваа повеќе од 430.000 продадени возила.

Tesla ја зголеми продажбата на сметка на намалувањето на цените. Веќе во јануари ги намали цените на моделот Y и другите за 20 отсто, а во март дури и за најскапите модели S и X меѓу 5.000 и 10.000 долари по возило.

Откако централната банка почна да ги зголемува каматните стапки минатиот март за да се бори против инфлацијата, просечниот заем за автомобил се зголеми меѓу четири и седум проценти.

Иако стапката на раст на продажбата на Tesla беше импресивна, велат аналитичарите, таа не ја достигна стапката потребна за исполнување на ветувањето на компанијата за зголемување на испораките за околу 50 проценти годишно во догледна иднина.

Tesla произведе повеќе возила отколку што продаде во првиот квартал – 440.808 – бидејќи го зголеми производството во новите фабрики во близина на Остин, Тексас, Берлин, Германија и Шангај, Кина.

На настанот за денот на инвеститорите на Tesla на почетокот на март, извршниот директор Елон Маск призна дека достапноста сè уште е пречка за продажбата, но додаде дека многу луѓе сè уште сакаат да купат Tesla.

„Ограничувачкиот фактор е нивната способност за плаќање“, рече Маск.

На пример, најпродаваниот Model Y започнува од 54.990 долари, додека Model 3 чини 42.990 долари. Почетната цена за Model S е 89.990 долари, а Model X е 99.990 долари.