Tesla загуби 550 милијарди долари поради политичкиот ангажман на Маск

од Vladimir Zorba
48 прегледи

Вредноста на Tesla, компанијата на милијардерот Илон Маск, сега клучен човек на Доналд Трамп за заштеда во американската сојузна влада, падна за 37% откако Трамп ја презеде функцијата претседател на САД, а опаѓа и продажбата на електричните возила на марката.

Овие деловни резултати го опфаќаат периодот од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари до минатиот петок, 28 февруари, а загубата изнесува 550 милијарди долари.

Некои експерти сметаат дека влегувањето на Маск во десничарската политика е причина за одвраќање на потенцијалните клиенти кои не го делат неговиот светоглед.

– Ова се основите на маркетингот: не се вклучувајте во политика. Луѓето ќе престанат да ги купуваат вашите производи – вели бренд консултантот, Роберт Пасикоф.

Според истражувањето на Jato Dynamics, продажбата на електричните возила на Tesla во Европа паднала за 45 отсто во јануари по падот на продажбата во Калифорнија, најголемиот американски пазар за марката и електричните возила воопшто.

Tesla имаше загуба минатата година и ширум светот.

Аналитичарите од автомобилската индустрија велат дека е прерано да се зборува за штетата што Маск и ја прави на Tesla бидејќи има и други фактори: клиентите ја чекаат новата верзија на моделот „Ипсилон“, најпродаваниот автомобил на Tesla, оваа година, како и фактот дека кинеските и европските производители на електрични возила стануваат сериозни конкуренти на производите на компанијата на Маск.

Оваа ситуација прави политичките коментари на Маск да изгледаат уште понеодговорни, велат аналитичарите од автомобилската индустрија.

– Маск мисли дека може да каже што сака и не мисли дека Tesla може да ги трпи последиците од тоа – вели аналитичарот на „Morningstar“, Сет Голдстајн. „Tesla е многу изложена. И сега има конкуренција“, додаде тој.

Падот на продажбата во јануари е особено голем во Германија и Франција, по 60 отсто. Во Франција во февруари е забележан дополнителен пад од 26 отсто. Просечниот пад во повеќе од 25 европски земји е 45 проценти.

„Model 3“ на Tesla се продава за 33 отсто помалку во сите европски земји, иако не се очекува да биде надграден, па нема причина клиентите да чекаат нова верзија.

Вишиот аналитичар во Jato Dynamics, Фелипе Менез вели: „Дел од населението не ги одобрува ставовите на Маск, како и неговиот политички активизам“.

Многу купувачи на автомобили од Tesla беа богати, еколошки свесни професионалци, често либерали, кои беа привлечени од говорите на Маск за тоа како неговите електрични возила ќе помогнат да се спаси планетата од уништување со фосилни горива. Тоа сега се менува.

– Левицата порано ме сакаше. Помалку им се допаѓам овие денови, сподели Маск на 18 февруари.

Неговата одлука да донира 270 милиони долари за претседателската кампања на Доналд Трамп и јавно да го поддржи веќе беше доволно ризична за неговиот бизнис. Потоа, на сето тоа ја додаде својата стратегија „сечи и запали“ како шеф на тимот за ефикасност на федералната влада на Трамп, застапувањето за „политичка револуција“ и запаливата реторика кон многумина надвор од САД.

Тој ја поддржа екстремно десничарската, проруска, антимуслиманска партија „Алтернатива за Германија“, која на неодамнешните избори се најде на второто место со 20 отсто од гласовите и го нарече британскиот премиер Кир Стармер „злобен тиранин“ кој раководи со „полициска држава“ и неодамна рече дека Канада – сосед на САД и клучен пазар за возилата Tesla – дека не е вистинска држава. И сето тоа доведе до жестока одмазда.

Салоните за автомобили на Tesla во САД се под опсада од демонстранти, возилата се оштетуваат, а на нив се ставаат налепници на кои пишува: „Го купив ова пред Илон целосно да полуди“.

Кукла со рака во нацистички поздрав и ликот на Маск беше обесена во Милано затоа што самиот Маск неодамна го стори тоа, што предизвика лавина од осуди. Таа слика беше проектирана и над неговата фабрика во близина на Берлин. На автобуските постојки низ Велика Британија има плакати кои ги нарекуваат неговите автомобили „автомобили со свастика“. Еден од министрите во полската влада повика на бојкот на Tesla.

Инвеститорот на Tesla, Рос Гербер, изјави дека Маск успеал „да го спои најдобриот производ во светот со најлошиот маркетинг во светот“.

Аналитичарот на „Morningstar“, Голдштајн, вели дека автомобилите на Tesla и онака се премногу скапи за бојкотот да има смисла.

Има купувачи на возила на Tesla кои не сакаат да се откажат од нив и веруваат дека Маск е визионер кој го менува начинот на кој луѓето размислуваат за транспортот и иднината на планетата.

Меѓутоа, ако берзите се некаков показател, позицијата на Tesla се влошува, а присуството на Маск во администрацијата на Трамп воопшто не помага.

Слични содржини