-Методолгијата за утврдување сложеност на предмети е значаен документ во процесот на реформи во судството и преставува обид во иднина да се утврди сложеноста на секое судско досие, а тоа ќе значи да имаме постојан увид кој суд или кој судија со какви предмети се занимава. Како крајна цел која ја поставуваме после имплементацијата на методологијата е драстично намалување на бројот на заостанати предмети, па дури и целосно елеминирање на ваквите случаи. Ова ќе придонесе да се намали ризикот од застарување на предмети, а целосна успешност од спроведувањето на методологијата ќе имаме кога ќе дојдеме до фаза кога практично и нема да постојат застарени предмети, – ја предочи важноста на документот, претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, на настанот на кој, Центарот за правни истражувања и анализи изврши тестирање на Методологијата за утврдување сложеност на предмети, за да се увери како таа ќе функционира во пракса.
Со самото тоа што однапред ќе биде утврдена сложеноста на предметот, полесно ќе се определи кој судија ќе биде надлежен за тој предмет, колку рочишта се неопходни за текот на постапката, за колку време може да се очекува пресуда, а за целиот предмет ќе постои и листа со докази, сведоци и сето она што е неопходно за комплетно судско досие за одреден предмет. Во ситуација кога однапред сето ова ќе биде познато и определено, тогаш на судијата му се поедноставува целиот процес на судење.
-Една од позитивните работи кои ги носи оваа методологија е што самите судии ќе бидат поактивни, односно ќе имаат временска и содржинска рамка за одреден предмет и ќе бидат во ситуација кога ќе мора сите судења да ги завршуваат во разумен рок, а при тоа нивните пресуди да се темелат на факти и докази. Ако успееме да го постигнеме ова тоа ќе значи и намалување на бројот на апликации од Северна Македонија пред Меѓународниот суд за човекови права. Во ситуација кога судиите постапуваат поодговорно и во квалитетна постапка носат издржани пресуди, тогаш и нивното оценување од страна на Судскиот совет ќе им донесе повисоки оценки, повеќе ќе се вреднува нивниот труд, а тоа ќе им овозможи побрз и поквалитетен напредок во кариерата, потенцираше Црвенковска пред преставниците на поголем број судови, како и пред членови на граѓански здруженија.
На крајот, Црвенковска објасни дека Методологијата за утврдување сложеност на предмети, исто како и Методологијата за квалитативно оценување, ќе треба да се интегрираат во АКМИС системот за да добијат дигитална форма. Судскиот совет веќе работи на ова и се очекува наскоро компјтерскиот судски систем да биде надграден со можноста дигитално да се управува со методологиите.