Тест Nissan Qashqai: Пионерот поставува нови стандарди

од Vladimir Zorba
738 прегледи

За првпат претставен во 2007 година, првата генерација на популарниот јапонски кросовер достигна неверојатен успех на пазарот со бројка од 2 милиони продадени единици. Втората генерација го следеше успехот, а сега на ред ни дојде и најновата, трета итерација на Nissan Qashqai. Моделот кој претставува зачетник на она што денес е вистинска манија – C-SUV сегментот – повторно ги поместува границите и поставува стандарди за кои конкурентите ќе мораат добро да се потрудат за да ги надминат. Со своето појавување, Qashqai покрена цел еден сегмент на кросовери кои ги спојуваат идеалните димензии на автомобил од компактната класа и практичноста на SUV.

Еволутивен дизајн

Со својот одважен и храбар став, привлечен дизајн и истакнатите остри LED светлосни групи, заедно со компактната каросерија, Qashqai одново се реосмислува себе си, како своевидна дизајнерска еволуција која и понатаму ги плени погледите на минувачите.

Атлетската става и мускулестите пропорции на новиот Qashqai се нагласени од истакнатата линија која се протега долж целото возило. Новата генерација е нешто поголема во однос на својот претходник, со тоа што должината е поголема за 32 милиметри, повисок е за 25 милиметри, додека меѓуосовинското растојание е продолжено за 20 милиметри.

Премиум чувство и пространост во кабината

Да бидеме јасни од почеток – Qashqai го достигна највисокото ниво досега, а новата генерација само го засилува впечатокот и воодушевува со својата зрелост. Тоа е првиот впечаток кога ќе влезете во SUV моделот на Nissan, а јапонскиот производител повторно се покажа дека е на висина на задачата кога треба да се исполнат очекувањата на купувачите. Новата генерација делува далеку посериозно и поудобно од претходно, а делува и попространо. Кога станува збор за комфорот, тука речиси и да нема слаби страни. Богато опремената N-Connecta изведба нуди вистинско задоволство за секој патник. Едно од најголемите унапредувања се наоѓаат токму во ентериерот, каде што новата генерација на Qashqai има за цел да постави нов стандард во сегментот за „премиум чувство, карактеристичен дизајн и нагласена изкористливост“.

Ентериерот на Qashqai е совршено комбиниран со премиум искуство кое го носи овој кросовер на чекор пред конкуренцијата. Чувството на врвна изработка е присутно со секој допир насекаде во кабината, која е јасно ориентирана кон возачот. Пред возачот се наоѓа новиот трикрак мултифункционален управувач со рамно дно, преку кој можете да командувате со речиси сите најважни функции во автомобилот. Покрај новиот управувач, кој нуди зголемено чувство на целосна контрола при возењето, не пречека и панорамскиот стаклен покрив кој се протега низ целата кабина.

Пред возачот се наоѓа дигитален екран со висока резолуција како инструмент кластер со големина од 12,3 инчи, а истиот нуди поголем избор на конфигурациски изглед, прикажувајќи информации од навигацијата, инфозабавата и друго. Сите тие се контролираат со новите тактилни команди на управувачот. На врвот, во централниот дел од контролната табла се наоѓа 9-инчниот екран на допир со висока резолуција преку кој работи новиот инфозабавен систем кој се одликува со NissanConnect услуги, Android Auto и Apple CarPlay, заедно со бежичниот полнач за паметните телефони. Централниот екран е добро позициониран во висина на очите на возачот и паметно конфигуриран со цел лесно да се ракува. Иако поголемиот дел од интерфејсот се базира на предходниот модел, сепак видливи се освежувања во графиката.

Предните седишта се доста широки и одлично позиционирани во мошне пријатна висина за комфорен пристап во кабината и нудат одлична прегледност при возењето. Задната клупа сега има околу пет сантиметри простор за нозете повеќе во однос на претходно со што дополнително се зголемува солидниот комфор на патниците позади.

Комбинација која многу ветува

Опремен со 1,3-литарскиот бензинец со блага хибридна технологија и моќност од 158 КС кои се испорачуваат на предните тркала, Qashqai успева да ги задоволи сите потреби, а притоа, доколку тоа е потребно, може да го извлече максимумот во перформансите во Sport режимот на работа. Во стандардниот режим пак, моторот работи беспрекорно, возната динамика е на врвно ниво, моќноста се распределува линеарно и рамномерно, а шестстепениот мануелен менувач одлично ги следи командите и намерите на оној кој се наоѓа зад управувачот. Клиренсот од 180 милиметри му овозможува да ги совлада поголемиот број тешки препреки, како на патот, така и надвор од него.

Системот на потпирање е нешто покрут, но благодарение на новата CMF-C платформа, која за првпат се најде кај некој модел на јапонската компанија т.е. токму кај овој модел, тоа резултираше со поголема стабилност и чувство на контрола во свиоците. Значително се намалени и страничните навалувања. Она што особено импресионира е високото ниво на звучна изолација, што дополнително влијае на комфорот во автомобилот и го прави беспрекорен за подолги патувања. Новата платформа носи и други придобивки, а тоа е багажниот простор кој сега е поголем за 50 литри, а подот на истиот е поставен 20 милиметри пониско, што е директна придобивка од унапредената задна суспензија.

Декларираната просечна потрошувачка изнесува околу пет литри на секои 100 изминати километри, а на конкретниот модел кој го имавме на располагање за забрзување од место до „стотка“ му се потребни 9,2 секунди, додека максималната брзина достигнува до 199 километри на час.

Nissan Qashqai Тест

Одлично пакување

Новиот Qashqai исто така обезбедува прецизно ракување и управување, со навистина брз одзив, како во урбаната средина, така и на отворен пат. Новите интелигентни технологии за помош при возењето, значително го олеснуваат управувањето и го зголемуваат нивото на безбедност, за што сведочат и одличните резултати на Euro NCAP. Благодарение на двете камери поставени напред и назад, паркирањето е олеснето до максимум, што му овозможува да биде вистински избор во урбаните средини.

Покрај стилот и дизајнот, кои секако му даваат предност во однос на конкуренцијата, новиот Nissan Qashqai без дилеми ги исполнува сите очекувања и претставува одлично пакување на комфор, возна динамика практичност и компактност. Вреди да се напомене и дека новата генерација на јапонскиот кросовер е достапен за испорака веднаш, а повеќе информации можете да добиете во салонот на Аутомотив Груп или на официјалниот сајт на Nissan во Македонија.

Nissan Qashqai Тест

Цена на тестираниот модел: 34.450 евра.

Технички податоци за Nissan Qashqai 1.3 DIG-T 158 N-Connecta

мотор Euro VI d, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.332 см3
пречник и од 72.2 x 81.3 мм
степен на компресија 10.5:1
напојување четири вентили по цилиндар, директно вбризгување, турбо полнач
максимална моќ 158 KС (103KW) при 5.500 min/-1
макс. вртежен момент 270Nm при 2.000 min/-1
трансмисија шестстепен рачен менувач
потпирање напред McPherson независен систем, позади независно торзионо потпирање
сопирачки предни и задни диск сопирачки
пневматици 215/55 R18
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.425 x 1.848 x 1.625 mm
меѓуоскино растојание 2.665 mm
траги (напред/назад) 1.580-1.596/1.586-1.602 мм
тежина 1.460 кг
максимална тежина 1.934 кг
багажен капацитет 479-504 литри
резервоар 55 литри
максимална брзина 199 км/час
забрзување 0-100 km/h 10,2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,0/7,0/4,9 л/100 км
емисија на CO2 131 г/км

Nissan Qashqai во Македонија:

Qashqai 1.3DiG-T 140 Visia 28.900 евра
Qashqai 1.3DiG-T 140 Acenta 31.850 евра
Qashqai 1.3DiG-T 140 Tekna 36.150 евра
Qashqai 1.3DiG-T 158 Tekna+ 39.050 евра
Qashqai 1.3DiG-T 158 CVT Acenta 33.800 евра
Qashqai 1.3DiG-T 158 CVT Tekna 4WD 40.150 евра
Qashqai 1.3DiG-T 158 CVT Tekna+ 4WD 42.900 евра

Конкуренти:

Hyundai Tucson 23.900 до 39.900 евра
Peugeot 3008 29.480 до 65.100 евра
Toyota Rav4 35.490 до 54.390 евра
Kia Sportage 20.550 до 28.950 евра

Слични содржини