Тест Peugeot 308 GT: Новиот крал на класата

од Vladimir Zorba
753 прегледи

Во светот на SUV и Crossover возила призводителите се потешко наоѓаат причина за конструирање на некогаш најпопуларните hatchback изведби, па на општо задовоство на сите љубители марката Peugeot ја продожи низата на моделот 308, кој овој пат доаѓа со исклучително маркантен дизајн на надворешноста, врвна финална изработка и најнова технологија на која може да и подзавидат останатите компании.   

Моделот Peugeot 308 се враќа на голема врата во C-сегментот како целосно нов автомобил кој ги потенцира дизајнот и софистицираноста обележувајќи го стартот на новата ера за француската марка. Тој е воедно и првиот модел што го носи и новиот амблем на лавот, а покрај стандардните мотори со внатрешно согорување достапен од лансирањето е и со plug-in хибридни изведби, додека целосно електричниот 308 треба да се појави следната година.

Peugeot 308 GT Тест

Скулптурно обликуван

Впечатлив, е еден од зборовите што ви паѓаат на ум кога за прв пат ќе го погледнете целосно новиот Peugeot 308. Поелегантните пропорции играат голема улога, особено кога го гледате автомобилот од напред. Тенки предни светла со LED матрична технологија и истакнати дневни светла поставени вертикално се во кохезија со решетката на ладилникот. На неа пак е исто така нагласен е новиот амблем на брендот и значката со бројот 308 која гордо стои на долниот раб на хаубата создавајќи јасна слика на исклучителен дизајнерски пристап со длабока спортска нота. За добивањето на поелегантни пропорции тимот задолжен за новата генерација на 308 ја зголемил должинаата за речиси 110 мм, висината е намалена 20 мм, а меѓуоскиното растојание е зголемено за 55 мм.

Профилот делува доста динамично, пред сè поради долгиот поклопец на моторот, аголот на поставеност на ветробранот и ниската линија на кровот, како и контурните линии кои навлегуваат од двата краја на возилото кон вратите. Погледот кон задниот дел ни открива уште една страна на францускиот пристап кон обликувањето каде што продолжува стилот на тенки светлосни елементи со изразен светлосен потпис и високосјајна црна попречна лента која ги спојува во една целина. Во севкупниот облик се вклучува и надолната линија на покривот преточена во спојлер задолжен за подобра аеродинамика. Марката Peugeot досега имала исклучително убави модели кои ја носеле „тројката“ во името, но со новиот 308 сметаме дека се надмина себеси во дизајнерски смисол.

Премиум во секој смисол

Кабината на моделот 308 е вистински погодок. Во неа не се издвојува само современиот дизајн, туку јасно е потенциран и севкупниот квалитет на завршна обработка што е присутен низ целиот простор. Возачот седи ниско и спортски во седиште кое има одлична странична потпора, а за пронаоѓање на оптималната позиција и поставеност на малиот, ново дизајниран управувач потребно е малку време. Кабинскиот простор не е најраскошниот во класата, но секако дека 4 возрасни лица ќе се чуствуваат сосема комотно во амбиентот. Просторот за багаж располага со големина од 412 литри во основната конфигурација, а доколку имате потреба за транспорт на погабаритен товар со соборување на задните седишта добивате 1.323 литри. Забележлива улога игра инструмент таблата пред возачот која ја демонстрира посветеноста на Peugeot на најдобар начин.

Peugeot 308 GT Тест

Префинетоста на доработениот iCockpit во 3D технологија кој работи поефективно и поседува нови детални графички решенија дополнително го подигнува севкупниот впечатокот. Инфозабавниот екран беше една од најголемите болки на предходната генерација, но во најголем дел целосно новиот систем ја надминува таа пречка. Новиот 10 инчен дисплеј изгледа одлично и е поддржан од секундарен i-Toggles панел чувствителен на допир под него кој е со иста ширина и половина од висината, поставен под агол за полесна употреба со кратенките за сите главни функции и може да се конфигурира по желба. Времето на реакција и прецизноста се брзи и точни, додека контролите за климатизација се уште само на допир, но поголемиот дисплеј ја олеснува нивната контрола.Peugeot 308 GT Тест

Новиот 308 е полн со безбедносни функции, а особено ни се допадна адаптивната контрола на темпоматот која го користи радарот скриен зад новото лого на Peugeot на предната решетка што ги чита знаците на патот. Системот е секогаш подготвен за активирање, а тоа го прикажува со големо “OK’ на iCockpit, потребно е само притискање на копчето за потврда на управувачот и системот започува со дејствување.

Адекватна целина

Тестираниот примерок го задвижуваше единствениот турбо дизелски агрегат во понудата со зафатнина од 1.5 литри и расположива моќ од 130 КС, неговата влечна сила изнесува 300 Nm и е на располагање од ниски 1.750 врт/мин. Погонот е на предната оска, а за трансмисија е задолжен 8 степен автоматски менувач кој се одликува со одлично избалансиран пренос за кој сметаме дека се поставува како идеален избор кај 308.

Бараните задачи ги извршува безпрекорно добро без разлика кој модус (sport, normal, eco) на работа го избрал возачот, соработката со исклучително флексибилниот двигател во реалност овозможува одржување на високо возно темпо и реално ниска потрошувачка на гориво. За тоа сведочи и просекот што го постигнавме по речиси 600 изминати километри кој изнесуваше 5,5 литри на секои 100 километри, со зафатнина на резервоарот од 52 литари и повнимателно возење 1.000 километри со едно полнење се со сигурност остварливи. Забрзувањето до 100 км/ч трае 10,6 секунди што е во рамките на конкуренцијата, додека стрелката на брзиномерот запира на повеќе од доволни 207 км/ч.

Иако сите погледи се упатени кон стилската надворешност, 308 поседува новина и под лимот, моделот е поставен на најновата генерација на платформата EMP2 на брендот. Веднаш е забележливо сетирањето на суспензијата кое е малку потврдо, но сепак во возењето покажа прифатливо ниво на удобност. Компромисот помеѓу комфорот и спортското управување делува многу ветувачки, постигнатата рамнотежа само покажува колку труд е вложено од страна на инжињерите на марката. Бучавата од суспензијата е добро изолирана во кабината, а силна страна на 308 во возената конфигурација е стабилноста при голема брзина.

Предходната генерација на овој модел важеше за солиден семеен хечбек, но не успеа да ја постигне посакуваната позиција на неговите творци. Затоа новата иретација на 308 ја разбира задачата далеку посеризоно и се наметнува како технолошки најнапреден, стилски префинет и висококвалитетен производ со атрибути кои се повеќе од доволно за да стане лидер во класата, Très bon, Peugeot.

Цена на тестираниот модел: 34.390 евра

погледнете ја Галеријата фотографии подолу

Технички спецификации за Peugeot 308 GT 1.5 HDi ATN 8

Мотор Euro VI, дизелски, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 cm3
пречник и од 75,0 x 84,8 mm
степен на компресија 16.4:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 130 KС (96 kW) при 3.750 min/-1
макс. вртежен момент 300 Nm при 1.750 min-1
Трансмисија на предни тркала преку 8 степен автоматски менувач
Потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред  самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 225/40 R18
Каросерија Хечбек со  пет  врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.367 x 1.852 x 1.444 mm
меѓуоскино растојание 2.675 mm
траги (напред/назад ) 1.559/1.553 mm
Тежина 1.361 kg
максимална тежина 1.940 kg
Багажник 412/ 1.323 литри
Резервоар 52 литри
максимална брзина 207 km/h
забрзување 0-100 km/h 10.6 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5.2/ 4.8/ 4,5 l/100 km
емисија на CO2 117 g/km

Peugeot 308 во Македонија

Peugeot 308 Active Pack PureTech 110 21.420 евра
Peugeot 308 Allure PureTech 130 24.400 евра
Peugeot 308 Allure Pack PureTech 130 EAT8 27.300 евра
Peugeot 308 Allure Pack BlueHDi 130 27.490 евра
Peugeot 308 GT PureTech 130 EAT8 29.910 евра
Peugeot 308 GT PHEV 180 45.930 евра
Peugeot 308 GT Pack PHEV 225 50.440 евра

Повеќе информации во Еуроимпекс на тел. (02) 3111 000 или на www.peugeot.mk

Конкуренти

Toyota Corolla oд 18.790 до 29.290 евра
Renault Megane oд 20.140 до 27.890 евра
Ford Focus oд 22.500 до 31.900 евра
Volkswagen Golf oд 31.254 до 37.220 евра
Seat Leon oд 23.821 до 28.890 евра
Kia Ceed oд 18.950 до 24.600 евра
Mazda 3 oд 19.610 до 36.425 евра

Слични содржини