Скоро третина од жителите на ЕУ користеле врски за пристап до здравствена заштита за време на ковид-кризата, а околу секој петти жител на Романија, Бугарија, Унгарија и Литванија платил мито за такви услуги, се вели во извештајот за корупција, пишува „Гардијан“.
Во истражувањето спроведено од Транспаренси Интернешнл во 27 земји-членки на ЕУ, скоро две третини (62 проценти) од 40.000 испитаници изјавиле дека корупцијата во нивната влада е голем проблем, а три четвртини (76 проценти) велат дека проблемот стагнира или се влошува.
Авторите на овој глобален барометар за корупција изјавија дека наодите се особено загрижувачки бидејќи земјите-членки се подготвуваат да издвојат милијарди евра за закрепнување по пандемијата.
Европската комисија се очекува да ги одобри националните планови за обновување во вредност од 800 милијарди евра на краток рок.
„На ЕУ честопати се гледа како на бастион на интегритет, но овие откритија покажуваат дека земјите во регионот остануваат ранливи на подмолните ефекти на корупцијата“, рече Делиа Фереира Рубио, претседател на „Транспаренси Интернешнл“.
– За време на здравствена криза, користењето врски за пристап до јавни услуги може да биде исто штетно како и плаќањето мито. Животите може да се изгубат кога луѓето со добри врски ќе ја земат вакцината Ковид-19 или ќе бидат третирани пред оние кои имаат итна потреба. Клучно е владите низ ЕУ да ги удвојат своите напори да обезбедат фер и непристрасно закрепнување од ефектите на пандемијата, додаде таа.
Иако само шест проценти од луѓето во целиот регион изјавија дека сметаат дека е потребно да се даде мито за да се добие или да се има пристап до здравствени услуги, истражувањето покажа дека 29% од луѓето се потпираат на врски и познаници, а тоа искуство е најчесто во Чешка (54 проценти), Португалија (46 проценти) и Унгарија (41 процент).
Најголем дел од луѓето кои рекле дека дале мито за да обезбедат здравствена заштита е забележан во Романија (22 проценти), Бугарија (19 проценти), Унгарија (17 проценти), Литванија (17 проценти) и Хрватска (14 проценти).
Користењето мито за пристап до здравствена заштита исто така беше релативно честа појава во Белгија (10 проценти), Австрија (9 проценти) и Грција (9 проценти), покажува истражувањето спроведено помеѓу октомври и декември минатата година.
Кипар имаше најголем удел на испитаници (65%) кои сметаат дека корупцијата е зголемена во текот на минатата година, очигледно поттикната од скандали поврзани со кипарската шема за „златен пасош“, според која десетици осудени криминалци и бегалци го купиле државјанството на земјата.
Помалку од 20 проценти од луѓето што живеат во Данска и Финска сметаат дека владината корупција е голем проблем во нивната земја, додека повеќе од 85 проценти од луѓето во Бугарија, Хрватска, Кипар, Италија, Португалија и Шпанија имаат таков став.
Не е пријавена земја во која мнозинството граѓани сметаат дека корупцијата се намалува. Најпозитивните резултати се од Словачка, каде 39 проценти од граѓаните сметаат дека има мал пад на корупциските активности. Во 2020 година, по убиството на Јан Куцијак, истражувачки новинар и неговата свршеница, десетици словачки полицајци беа обвинети за корупција.