Ана Ивановиќ и Бастијан Швајнштајгер, еден од најпознатите спортски парови на светот, се соочуваат со крајот на нивната љубовна приказна. Иако изгледаа како совршен тандем откако во јули 2016 година се венчаа во романтична Венеција, денес се чини дека нивниот брак е пред крај.
Она што ги издвојува од многу други славни парови е тоа што уште пред да стапат во брак размислувале за сите можни исходи — дури и за прекин. Нивниот предбрачен договор, обемен документ од 64 страници, внимателно подготвен од адвокатскиот тим на Швајнштајгер, детално ги регулира условите во случај на развод.
Договорот бил испратен на разгледување до адвокатска канцеларија во Белград која со години ја застапува Ана Ивановиќ. Таа, заедно со нејзината мајка Драгана, без приговори се согласила да го потпише документот. Веќе во тој момент двајцата размислувале рационално, оставајќи ги емоциите на страна и осигурувајќи се дека, дури и ако љубовта згасне, разделбата ќе биде фер.
Интересен детал од нивниот однос е дека и по венчавката продолжиле да водат посебни банкарски сметки. И двајцата имаат завидни индивидуални приходи. Ана, поранешната светска тениска ѕвезда, има заработка од 15,5 милиони долари само од тениската кариера, додека спонзорствата, особено со „Адидас“, ѝ обезбедуваат постојан приход.
Швајнштајгер, од друга страна, заработил над 50 милиони евра во периодот кога премина од Баерн Минхен во Манчестер Јунајтед. Тој поседува бројни недвижнини, вклучувајќи стан во Минхен купен за Ана, вили во Австрија, како и заедничката вила на Мајорка, која двојката ја стекна за време на бракот и која сега е ставена на продажба.
Двојката има три сина, чијашто појава донесе и измени во првичниот предбрачен договор. Како што било предвидено во анексите, по раѓањето на децата направени се корекции во финансиската распределба, при што се водело сметка за нивната благосостојба.
Еден важен сегмент од договорот е клаузулата за подароците. Сè што Ана и Бастијан си подариле еден на друг за време на бракот – останува кај оној кој го примил подарокот. Тие дарови не се предмет на поделба при развод.
Иако љубовта меѓу Ивановиќ и Швајнштајгер била силна и јавно инспиративна, нивниот внимателно планиран предбрачен договор покажува зрелост и подготвеност за сите животни предизвици. Останува да видиме како ќе се одвива понатамошната постапка, но едно е сигурно – со ваква правна основа, разделбата ќе помине без драма.