Без екран – животот е невозможен во сегашното време. И иако ова е нашата реалност, младите луѓе сепак носат поинаков глас. Имено, 70 проценти од младите луѓе во Велика Британија, на возраст од 16 до 21 година, се чувствуваат полошо во врска со себе по времето поминато на социјалните медиуми. Половина би поддржале „дигитален полициски час“ што би го ограничил пристапот до одредени апликации и веб-страници по 22 часот, додека 46 проценти рекле дека би сакале да бидат млади во свет без интернет. Една четвртина од испитаниците поминуваат четири или повеќе часа на ден на социјалните медиуми, а 42 проценти признале дека ги лажат родителите и старателите за тоа што прават онлајн.
Додека биле онлајн, 42 проценти признале дека лажеле за својата возраст, 40 проценти дека имале „таен“ или алтернативен профил, а 27 проценти рекле дека се претставувале како сосема друго лице. Овие резултати, објавени од „Гардијан“, доаѓаат во исто време со најавите дека може да се воведат задолжителни временски ограничувања за одредени апликации како што се „ТикТок“ и „Инстаграм“.
Студијата ја спроведе Британската институција за стандарди, во која беа анкетирани 1.293 млади луѓе, и откри дека 27 проценти од испитаниците ја споделиле својата локација со странци. Во истата анкета, три четвртини од младите луѓе рекле дека поминале повеќе време онлајн поради пандемијата, додека 68 проценти рекле дека тоа негативно влијаело врз нивното ментално здравје.