Социјалната мрежа TikTok неодамна почна да експериментира со функција за медитација во апликацијата за да ги охрабри тинејџерите да се „опуштат“ по 22 часот, а сега ја прошири функцијата за сите корисници, со што е вклучена по дифолт за сите тинејџери под 18 години.
На тинејџерите ќе им се прикажува вежба за медитација на цел екран кога ќе се обидат да го користат TikTok по 22:00 часот. Ова очигледно е нешто што може да се игнорира, но тинејџерите кои ќе одлучат на таков потег ќе се соочат со уште еден „предлог“ кој е потешко да се одбие. Постарите корисници на TikTok исто така ќе можат да пристапат до медитација преку контролите за време поминато на екранот на апликацијата, но таа нема да биде активна за нив по дифолт.
TikTok вели дека почетните тестови на „часовите за спиење“ биле успешни и дека 98 проценти од тинејџерите одлучиле да ја одржат активна функцијата за медитација. Претходните обиди на TikTok да го ограничи времето поминато во користењето на апликацијата имаа малку поинакви резултати. Документите објавени како дел од тужбата против компанијата покажаа дека тинејџерите поминувале околу 107 минути дневно користејќи ја апликацијата, дури и кога било поставено ограничувањето од 60 минути.
Оттогаш, TikTok ги подобри некои од своите безбедносни карактеристики, вклучително и родителската контрола, поради растечките критики кон социјалната мрежа.
Судбината на TikTok во САД е сè уште неизвесна, бидејќи претседателот Доналд Трамп потпиша уште едно продолжување за забрана на апликацијата минатиот месец. Конечните услови под кои апликацијата ќе може да остане присутна во оваа земја сè уште не се објавени, но има такви кои сакаат да ја купат.