Увид во користењето на помошта за подобрување на владеењето на правото и зајакнување на довербата на граѓаните што тетовската полиција ја добива од Франција беа едни од причините за средбата на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу со раководството на Секторот за внатрешни работи во Тетово.

– Дојдовме да видиме како оди напредокот во реформите на полицијата. Франција им дава поддршка на институциите во Македонија за да се унапреди почитувањето на правната држава и во зајакнувањето на довербата кон полицијата и институциите што се меѓу главните работи за пристапување и за побрзо влегување на државата во ЕУ – рече Тимоние.
Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу му се заблагодари лично на амбасадорот Тимоние за поддршката што Франција ѝ ја дава на македонската полиција.
– Досегашната поддршка многу значи за унапредување на професионалноста на кадрите и на јавниот ред и мир – изјави Агим Нухиу.
Амбасадорот Тимоние им се заблагодари на припадниците на СВР-Тетово за максималното залагање за пронаоѓање на двајцата Французи што се изгубија на планинарење на Шар Планина во февруари.