Актерот Тимоти Шаламе ќе го игра музичарот и поет Боб Дилан во претстојниот биографски филм, објави Hollywood Reporter.
Сценарист на продукцијата е Џеј Кокс. Проектот е заснован на книгата Dylan Goes Electric од 2015 година од Илајжа Волд.
Режисерот на продукцијата Џејмс Манголд за време на интервјуто за електронското издание „Collider“ како дел од фестивалот посветен на „Star Wars“ во Лондон категорично потврди дека уметникот на кој му е доверена главната улога ќе пее во биографската продукција.
Манголд, кој го режираше и претстојниот „Indiana Jones and the Dial of Destiny“, објасни што го привлекло до претстојната титула.
„Тоа е неверојатно време во американската култура и во историјата на младиот, 19-годишниот Боб Дилан, кој оди во Њујорк со два долари во џеб и за три години станува светска сензација. Тој на почетокот станува дел од фолк музичката заедница во Њујорк, а потоа, се разбира, ја надминува во одреден момент“, објасни тој. „Тоа е исклучително интересна вистинска приказна и за толку интересен момент во американската култура“.
Манголд додаде дека снимањето најверојатно ќе започне во август, а во филмот ќе бидат и музички фигури како Вуди Гатри, Пит Сигер и Џоан Баез.