Тина Мицковска, вработена во Зоолошката градина во Скопје, преку објава на Фејсбук го сподели својот и ставот на нејзините колеги во рска со случувањата поврзани со зоолошката градина и политичките игри кои, според неа, се одвиваат во нејзината институција.
Таа истакна дека сите вработени во ЗОО биле под огромен стрес поради овие настани и изрази разочарување поради политичкиот притисок врз установата.
„Цела јавност се вознемири, а замислете како ни е на нас што сме дел од зоолошката…се бориме животните да имаат достоинствен живот… не заслужуваме да шетаме со главите надолу,” напиша Мицковска. Таа нагласи дека вработените во ЗОО не се виновни за политичките препукувања, и дека здравјето и стресот кој го трпат нема да се надомести.
Таа апелираше за итна деполитизација на ЗОО и повика политиката да се држи настрана од животните и од нивната институција, додавајќи дека сите вработени се оградуваат од политичките соопштенија што се пуштаат во јавност.
Мицковска изрази благодарност до Синдикатот за образование и култура (СОНК) и нивниот претседател Јаким Неделков за поддршката што им ја даваат на вработените и нивната борба за правата на животните.