Социјалната мрежа за состаноци Tinder сега им нуди на своите корисници можност нивните блиски луѓе да препорачуваат профили и да сугерираат кој потенцијално би можел да биде соодветен партнер.
Новата опција, која ќе биде достапна и за стројниците кои немаат сопствена сметка на Tinder, беше воведена откако платформата спроведе истражување во Велика Британија, Австралија и Америка, кое покажа дека дури 75 отсто од испитаниците разговараат со нивните пријатели за нивниот љубовен живот и повеќе пати месечно.
„Со години, самците бараа од своите пријатели да им помогнат да го најдат нивниот следен партнер на Tinder, а сега им олеснивме со Tinder Matchmaker“, изјави Мелиса Хобли, маркетинг директор на оваа мрежа, пренесе Euronews.
„Tinder Matchmaker ги води вашите доверливи луѓе низ вашето љубовно патување и ви помага да ги видите можностите што можеби сте ги занемариле, од перспектива на најблиските“, додаде Хобли.
Корисниците на Tinder можат да споделат уникатен линк со 15 пријатели во период од 24 часа, а преку таа врска избраните „мечмејкери“ можат да пристапат до Tinder – било како корисници или како гости – и да им препорачаат профили на своите најблиски.
Пријателите и членовите на семејството кои ја добиваат врската можат да дејствуваат како стројници, но не можат да испраќаат пораки во име на корисникот, кој инаку го има последниот збор во „спојките“.
Опцијата моментално е достапна во Британија, САД, Австралија, Бразил, Канада, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Јапонија, Мексико, Јужна Кореја, Шпанија, Тајланд и Виетнам.
Се очекува наскоро да се приклучат и други земји.