Според истражувањето спроведено од „Велс Фарго“, поради минатогодишниот случај на компанијата „GameStop“, која привлече огромно внимание од инвеститорите ширум светот, тргувањето со акции започна да ги интересира и тинејџерите.
Една третина од тинејџерите рекле дека учат за финансиите преку Интернет и преку социјалните медиуми, според истражувањето спроведено меѓу тинејџери во САД на возраст меѓу 13 и 17 години и нивните родители.
Повеќе од половина од тинејџерите изјавија дека се заинтересирани за инвестирање поради случајот на компанијата „GameStop“, чии акции скокнаа поради популарноста меѓу членовите на инвестициските форуми, пренесува Н1, повикувајќи се на „Ројтерс“.
Ова истражување е засновано на проектот Fidelity Investments, кој иницираше употреба на брокерска сметка без провизија во форма на мобилна апликација, што ќе ја користат тинејџери на возраст меѓу 13 и 17 години, сè со цел да привлечат нова генерација инвеститори.
Истражувањето спроведено меѓу 318 тинејџери и 304 нивни родители, спроведено помеѓу 20 април и 3 мај, покажа дека додека 57 проценти од нив велат дека учат за финансиите од своите родители, 47 проценти учат за тоа на училиште, 35 проценти од нив наведуваат социјални медиуми како платформа преку која учат, а 34 проценти од тинејџерите користат веб-страници за учење.
Родителите имале поинаков став и само 12 проценти од нив изјавиле дека нивните деца користат социјални мрежи за финансиско образование.
Дури 45 проценти од тинејџерите рекле дека ситуацијата со скокот на акциите на „GameStop“ ги заинтересирала да инвестираат, од кои 53 проценти биле момчиња, а 40 проценти девојчиња.
Што се однесува до криптовалутите, дури 50 проценти од родителите изјавиле дека нивните деца знаат многу повеќе за тоа отколку тие. Сепак, иако 58 проценти од момчињата велат дека знаат повеќе за криптовалутите отколку нивните родители, само 33 проценти од девојчињата го имале овој одговор.
Само седумнаесет проценти од родителите рекле дека ќе отворат старателски сметки и ќе инвестираат во име на своите деца.
Околу 13 проценти ги охрабруваат своите деца да се занимаваат со играта на симулација на берзата. Сепак, само 20 проценти од тинејџерите велат дека нивните родители учествуваат со нив во овие активности.