Тојота најави поскапување на своите автомобили

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Тојота најави зголемување на цените на своите автомобили во Европа и во САД поради високите трошоци за производство, недостатокот на микрочипови и падот на профитот.

Раководните лица на јапонската компанија предупредија дека прилагодувањето на цената е неопходно поради зголемените влезни трошоци и оперативните загуби на деловните единици во Европа и Северна Америка во последниот квартал.

„Интензивно размислуваме за соодветното ниво на цените“, изјави шефот за комуникации на Тојота, Џун Нагата, по повод објавувањето на кварталните деловни резултати. Трошоците на јапонскиот производител во периодот од јули до септември се зголемени за повеќе од 2 милијарди долари.

Тојота веќе почна да ги зголемува цените во согласност со растот на суровините и инфлацијата, но претставниците на компанијата велат дека најверојатно ќе бидат неопходни поагресивни и почести промени на ценовникот.

„Секоја година ги менувавме цените еднаш или двапати годишно, а зголемувањето на зачестеноста на промените на цените би било одраз на зголемените трошоци“, вели Масахиро Јамамото, шеф на сметководството во јапонската компанија.

По извештајот за падот на оперативната добивка и нето приходите, компанијата го намали и прогнозираниот обем на производство во тековната фискална година. Тојота сега очекува да произведе 9,2 милиони возила до 31 март 2023 година.

Слични содржини